Скопје, 11 октомври 2016 (МИА) – Македонската економија во 2017 година може да оствари дури и повисок економски раст од проектираниот од 3 отсто, доколку политичката криза добие своја разрешница во декември. Ова во интервју за Гласот на Америка го истакна министерот за финансии Кирил Миноски, говорејќи за економските политики што ги спроведува Владата и нивните ефекти, како влезот на странските инвестиции и отворањето нови работни места.
– Светска банка проектираше раст на македонската економија од 3,3 отсто за 2017 година. Нашата проекција беше поконзервативна и таа изнесува 3 отсто. Но растот може да биде и повисок. Еден од факторите што ќе влијае на тоа е разрешување на политичката криза, што предолго трае. Овие прогнози ги базирам на првите два квартала од тековната година. И покрај влијанието на политичката криза, во вториот квартал од 2016 година имаме раст од 2,3 проценти, благодарение на извозните активности од ТИРЗ, но и на растот во останатите сегменти на индустријата, како традиционалните сегменти каде што е забележана поголема економска активност во однос на минатата година, вели Миноски.
Како што истакна министерот за финансии, основен приоритет на Владата на РМ е поттикнување на инвестициите и на економскиот раст, што ќе придонесе за зголемување на бројот на вработените и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Министерот посочи дека невработеноста во земјата е сведена на историски најниски 24 отсто, но дека работата на Владата не е завршена и ќе се продолжи во насока на отворање нови работни места преку збир економски политики што се спроведуваат.
– За да се отворат нови работни места неопходни се инвестиции. Активностите што ги презема Владата може да се класифицираат на активности насочени кон привлекување странски инвестиции и на активности насочени кон стимулирање на инвестициите на домашните компании. Она што го правиме за домашните компании е стимулативна даночна политика во која реинвестираната добивка е ослободена од плаќање данок. Со ова ги стимулираме инвестициите во технологијата, што значи креирање нови производи и нови услуги и зголемување на додадената вредност, вели Миноски и заклучува дека сето тоа придонесува кон потребата за отворање нови работни места.
Како битен генератор на нови вработувања Миноски ги наведува и активните мерки за вработување на Владата како што е проектот „Македонија вработува“.
Прашан за значењето на дијаспората за македонската економија, министерот вели дека сите што ќе се одлучат да инвестираат во земјава или да се поврзат со домашни компании-добавувачи имаат вин-вин ситуација. Од една страна во земјата влегува странски капитал, технологии и се отвораат нови работни места, а од друга страна оние што ќе инвестираат добиваат одлична бизнис клима, поволна даночна политика и квалитетни производи и услуги од македонските компании.