Скопје, 4 јануари 2017 (МИА) – И покрај влијанието на најсложената политичка криза од осамостојувањето на Република Македонија наваму, економијата сепак испорача резултати. Економскиот раст најверојатно ќе ги надмине владините проекции, а невработеноста е сведена на историски најниско ниво. Ова во интервју за Сител го изјави министерот за финансии Кирил Миноски.
Како што посочува министерот, и покрај исклучително тешката политичка ситуација, странските инвеститори продолжија да доаѓаат и во 2016 година. Дури, како што вели, странските директни инвестиции имаат раст во споредба со 2015 година.
– Имаме компании кои минатата година најавија и отворија погони, а други отпочнаа со градежни активности. Сите тие ќе продуцираат нови работни места, истакнува Миноски и додава дека годинава се очекува вработеноста да се зголеми за 3 проценти, според најконзервативните проекции.
Миноски оцени дека Буџетот е во одлична кондиција. Како што рече, минатата година е завршена со одлична наплата на даноците од 99 проценти, но и со понизок буџетски дефицит за околу 1 процентен поен од планираниот. И во 2017 година сервисирањето на обврските на Буџетот, како исплатата на плати и пензии, но и други расходи, ќе се одвива редовно и непречено.
– Согласно податоците за 2016 година, и покрај низа сценарија и шпекулации дека дел од приходите се напумпани, се покажа дека не е така. Даночните приходи покажуваат степен на наплата од 99 проценти што е навистина одлична бројка, истакна министерот за финансии.
Сепак, како што потенцира, секоја политичка криза влијае негативно врз економијата.
– Негативните трендови што ги имаме во некои извештаи од различни релевантни кредитни бироа и кредит рејтинг агенции, како главен негативен фактор била земена политичката криза. Политичката криза влијае, пред сè, на потрошувачката, меѓутоа влијае и на амбиентот за инвестиции и од тој аспект има негативен импакт врз економскиот развој. Затоа неколкупати напоменувам дека час поскоро е неопходно да се најде соодветна завршница на политичката криза и да се фокусира на она што претставува главен приоритет на оваа држава, а тоа е економскиот развој, креирање работни места и креирање повисок животен стандард на граѓаните, истакнува во интервјуто министерот Миноски.
Тој е оптимист за 2017 година и очекува солиден економски раст, што се должи на инвестициите и ефектите од економските политики што се спроведуваат.