Охрид, 5 декември 2016 (МИА) – Иднината на греењето во Македонија е во искористувањето енергенси што не ја загадуваат околината. Токму еколошкиот аспект, односно намалувањето на проблемот со загадувањето во повеќе градови беше причината за мерките  што ги спроведуваме и се во насока на стимулација на производи што придонесуваат за зголемување на еколошката свест и зголемено користење еколошко чисти енергенси како што се пелетите.

Тоа го истакна министерот за финансии Кирил Миноски, кој денеска беше во посета на компанијата „Екошпар“ што произведува котли за греење на пелети, а која поголемиот дел од своите финални производи ги пласира на пазарите во странство.

– Намалувањето на стапката на ДДВ од 18 на 5 отсто за пелети и печки на тој енергенс придонесува за зголемување на потрошувачката на тие два производа и е во насока на исполнување на целите што сме ги зацртале како Влада, рече Миноски.

Покрај даночните олеснувања, тој ги посочи и мерките за субвенционирање печки на пелети.

– Покрај намалувањето на загадувањето, печките на пелети имаат повисок степен на искористеност на ослободената енергија. Сметаме дека со овие мерки и со стимулациите во „Македонски шуми“ во насока на изградба на погони за преработка на дел од отпадот во пелети, ќе го заокружиме овој систем што ќе стимулира затоплување со пелети, рече Миноски.

Директорот на „Екошпар“ Јован Јовановски истакна дека намалувањето на ДДВ-то за нивните производи ја стимулира продажбата на котлите за греење на пелети во Република Македонија, истовремено изразувајќи очекување дека воведувањето на субвенциите дополнително ќе ја зголеми побарувачката на пазарот за ваквите котли.

Мерките што ги планира Владата за стимулација на користењето котли на пелети за греење во домаќинствата предвидува државата да учествува со 50 отсто од малопродажната цена на таквите еколошки котли за затоплување. 

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.