17 јануари 2017, Виена – Ако порано учествувале со само 5%, денес третина од македонскиот извоз го сочинуваат машини и транспортни уреди – софистицирани производи. Над 35% од македонскиот извоз се продуцира во технолошко-индустриските зони, истакна министерот за финансии Кирил Миноски на годишната конференција „Euromoney“ што се одржува во Виена, на која учествува заедно со гувернерот на Народна банка, Димитар Богов.

Зборувајќи за придобивките од странските инвестиции во Македонија, Миноски ги истакна намалувањето на невработеноста, растот и диверзификацијата на извозот кон производи со додадена вредност, како и поврзувањето на странските и домашните компании.

– Стапката на невработеност успеавме да ја сведеме од 38% на 23,4%. Отворени се 160.000 нови работни места. Странските директни инвестиции имаат голем удел во овој резултат, и тоа не само преку директните вработувања. Тие создаваат работа и за домашните компании. Извозот од технолошко-индустриските зони е третина од вкупниот извоз на државата и секоја година во континуитет се зголемува. Фабриките што работат во зоните не само што придонесоа за зголемување на извозот, туку придонесоа и за негова диверзификација. Ако пред влезот на СДИ во земјава уделот на извезените машини и транспортни уреди, како производи со повисока додадена вредност, изнесуваше 5% од вкупниот извоз, денес тие учествуваат во вкупниот извоз со околу 30% – истакна Миноски.

Миноски вели дека придобивката од странските инвестиции е и поврзувањето на странските со домашните компании, пренесувањето искуства, ноу-хау (know-how), отворање на некои врати за македонските компании на меѓународните пазари, кои претходно за нив биле затворени.

Министерот за финансии очекува динамиката на влез на странски инвестиции да се задржи и во наредниот период.

– Бидејќи стапката на невработеност во Македонија сè уште е висока, политиките и мерките за привлекување странски инвестиции ќе бидат актуелни и во наредниот период. Понатамошна цел е да се привлечат повеќе капитално интензивни инвестиции, кои имаат поголема одржливост и не се базираат само на цената на трудот. Веќе постои таков тренд кај нововлезените инвестиции во Македонија – вели Миноски.

Миноски во своето излагање на конференцијата се осврна и на управувањето со финансиите.

– Фокусот на фискалната политика останува на обезбедување значително ниво на јавни инвестиции, кои се предуслов за подобрување на економските перспективи, како и подобар и поквалитетен живот на граѓаните. Но ќе истакнам и дека на среден рок ќе се залагаме за определбата за етапна консолидација на јавните финансии, при што е предвидено значително намалување на буџетскиот дефицит под Мастришкиот критериум од 3% од БДП – вели Миноски.

„Euromoney“ е една од најголемите конференции од областа на финансиите во Централна и Источна Европа, на која учествуваат министри за финансии, гувернери на централни банки, инвеститори и банки. Од регионот, освен македонскиот министер за финансии, учествуваат и министерот за финансии на Хрватска, Здравко Мариќ, министерот за финансии на Србија, Душан Вујовиќ, министерката за финансии на Унгарија, Агнес Хорнунг и министерот за финансии на Албанија, Арбен Ахметај. Годинашната конференција ја отвори министерот за финансии на Австрија, Ханс Јорг Шилинг.

 

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.