Македонија со 17,6 милиони евра од Европската банка за обнова и развој ќе ја модернизира железничкта пруга на Коридорот 10. Договорот го потпишаа денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и директорот за транспорт на ЕБОР Сју Барет.
 
Со заемот ќе се финансира подобрување на 53 километри пруга од должината на Коридорот 10, односно делниците Табановце-Куманово, Ногаевци-Неготино и Миравци – Смоквица.
 
Министерот Ставрески истакна дека со оваа инвестиција ќе се подобри стабилноста, сигурноста и брзината на оваа железничка пруга и оти ќе се забрза протокот за двојно, односно од сегашната брзина во просек од 50 километри на 100 километри. Овие 53 километри се 7-8 проценти од вкупната должина на железничката пруга во Македонија која изнесува 700 км.
 
– Денешниот договор претставува чекор во насока на инвестирање во главната железничка мрежа која е дел од трансевропскиот коридор и е од исклучително значење за македонската економија, бидејќи преку него минува огормен дел на транспортот на стоки и е значаен за целокупното македонско стопанство, истакна по потпишувањето министерот Ставрески и додаде дека ова е прва инвестиција во железничките пруги во Македонија во последните 50 години.
 
– Средствата се добиваат со исклучително поволни услови. Рок на отплата е 15 години, грејс период од 3 години и каматна стапка од еуролибор плус еден процент на годишно ниво, што во моментов е 2,1 проценти, рече Ставрески.
 
Министерот Ставрески изрази задоволство од брзиот и ефикасен одговор на банката за овој проект и додаде дека со ЕБОР се разговара и за нови проекти во железничката инфраструктура, како што е железничката пруга кон Бугарија, а, како што додаде, отворени се разговори и за евентуално обезбедување финансиска поддршка за набавка на нови локомотиви и вагони.
 
– Посебно цениме што поддршката што ја обезбедува ЕБОР не е само во железничкиот сообраќај, рече министерот Ставрески и додаде дека се работи за една плодна соработка и оти ЕБОР досега финансирала и помогнала 60 проекти од инфраструкатурата, финансискиот и приватниот секор.
 
Тој ја искажа благодарноста што оваа институција е така стабилен и значаен партнер на Македонија во овој период од 20 години.
 
Директорката за транспорт на ЕБОР Барет истакна дека овој проект е приоритетен и оти со задоволство го поддржува.
 
Таа додаде дека покрај овие средства за овој проект ЕБРД обезбеди и грант од 1,2 милиони евра од Посебниот акционерски фонд на банката, Централно-европската иницијатива, заедно со владите на Франција и Германија.
 
– Овој проект е прв заем на ЕБОР во железничкиот сектор и 6-ти во транспортната, истакна Барет, и додаде дека вкупните средства што се доделуваат за финансирање во во транспортниот сектор во Македонија изнесува 140 милиони евра. Во моментов, како што истакна ЕБОР треба да одобри 100 милиони евра за патниот сектор во Македонија за надградба на Коридорот 10, што ќе се работи заедно со Европската инвестициска банка и ЕУ и оти се очекува договорот да биде потпишан во 2011 година.
 
Таа изрази подготвеност на Банката за учество во финансирање на завршувањето на Коридорот 8, за железничката пруга кон Бугарија.
 
Директорот на ЕБРД за Западен Балкан Клаудио Вјезоли ја истакна одличната и континуирана соработка со Владата, и додаде дека покрај соработката во областа на транспортот се работи и во други сектори, како што е гасификацијата, мали хидроцентрали, а се разгледува можноста и за финансирање на ХЕЦ Бошков мост, обновливи извори на енергија.
Според него од клучно значење е тесната соработка на меѓународни финансиски институции, како ЕБОР и ЕИБ во остварување на вакви проекти и оти коридорот 10 е доказ дека може максимално да се искористат средствата што се даваат од ЕУ со тоа што ќе се соединат ИПА средствата со средствата што ги доделуваат финансиските инститиуции.
Според вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски завршувањето на Коридорот 10 и на 8 има значење не само на Македонија, туку и за регионот и оти тоа ќе даде основа за привлекување повеќе инвестиции.
Проектот ќе го имплементира Министерството за транспорт и врски и ЈП за железничка инфраструктура. Модернизацијата на пругата треба да почне во средина на 2011 година и да заврши до 2013 година.