Скопје, 6 јануари 2015 (МИА) – Руралните општини од денес можат да аплицираат во Министерството за финансии за добивање грантови – неповратни средства во висина до 260.000 евра за инфраструктурни проекти.

Вкупниот фонд на грантот за рурална инфраструктура е 20,7 милиони евра од кои 15,5 милиони евра се обезбедени од средства од ИПА, а останатите 5,2 милиони евра се од буџетски средства.

Средствата се наменети за инвестиции во инфраструктурни проекти за водоснабдување, собирање и третман на отпадни води (пречистителни станици и системи за отпадни води со капацитет за популација помеѓу 2.000 и 10.000 жители), управување со цврст отпад, изградба или реконструкција на локални патишта и улици, основна инфраструктура за достапност до електрична енергија, обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност… Средствата може да бидат наменети и за проекти за улично осветлување, уредување и изградба на туристички и рекреативни области, изградба и реконструкција на општински објекти како што се детски и младински културни центри, детски градинки, училишта, пазари, општински згради и останати приоритетни проекти во надлежност на локалната самоуправа.

Целта на Проектот, според Министерството за финансии, е да го подобри квалитетот на живот во руралните средини, да ги намали разликите помеѓу урбаните и руралните општини во поглед на социо-економскиот развој и да ја подобри конкурентноста на руралните средини.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.