30 август 2016, Лидер – Започна комисиската расправа за ребалансот на Буџетот со што ќе се обезбедат средства за исплата на отштетите од поплавата што се случи на 6 август. Со ребалансот се предлага обезбедување дополнителни 36,4 милиони евра за целосно обесштетување на поплавените.
Министерот за финансии Кирил Миноски на Комисијата за финансирање и буџет истакна дека Владата, земајќи ја предвид големината на елементарната непогода што се случи на 6 август и нејзината разорност во однос на бројот на опфатени домаќинства и степенот на штетите, донела одлука да обезбеди комплетна помош за настраданите, која подразбира и обезбедување стопроцентно обесштетување на граѓаните од кризните региони.
– Со Измените и дополнувања на Буџетот на Република Македонија за 2016 година се обезбедуваат дополнителни средства во износ од 2.240 милиони денари за постојана резерва за надминување на последиците од настанатата елементарна непогода. Дополнителните средства наменети за санирање на штетите делумно се обезбедуваат со заштеди од одредени позиции кај буџетските корисници, а делумно со зголемување на буџетскиот дефицит – истакна Миноски.
Миноски додаде дека Владата, со поддршка на Светската банка, УНДП и Европската комисија, започнала да ја спроведува и анализата според методологијата на таканаречената Пост дизастер рикавери асесмент (Post Disaster Recovery Assessment), која има за цел не само да помогне во креирањето сеопфатна анализа на трошоците што се јавуваат како последица на катастрофалните поплави, туку и да помогне во дизајнирање мерки кои на краток, среден и долг рок треба да ги преземе Владата за да се минимизираат штетите што би настанале како резултат на елементарни непогоди доколку се случат во иднина.
– Би сакал да ги потсетам пратениците на сликите од катастрофалната поплава, што остави илјадници граѓани буквално без ништо. Следниве денови во Собранието нема да се дискутира само за ребаланс на Буџет, туку ќе се зборува за судбината на илјадници граѓани на кои им е потребна помош – истакна Миноски.
Марјанчо Николов од СДСМ истакна дека доколку Владата скратела 1,2 отсто од расходите во Буџетот, ќе се обезбеделе средства за обесштетување на граѓаните од поплавата, без притоа да се проширува буџетскиот дефицит.
– Ќе наведам неколку ставки на кои можеше да се крати од ребалансот. Можеше да се скрати ставката изградба и реконструкција на административни згради на СОЗР, можеше да се скрати ставката економска промоција, но се ближат избори и има потреба од маркетинг, можеше да се скрати на ставката за плажи на Министерство за транспорт – на луѓето сега не им е до плажа – истакна Николов.
Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ вели дека барањето на опозициската СДСМ да се скрати од некои од јавните набавки е политички трик, бидејќи за оние јавни набавки што се во понапредна фаза и за кои има потпишано договор, доколку државата ги раскине ќе има казнени пенали.
– Овој ребаланс на Буџетот е наменски, неговата намена е да се обесштетат граѓаните и за таа цел пратениците треба да го поддржат – истакна Мукоски.
Со ребалансот, приходите во Буџетот ќе останат непроменети и остануваат на ниво на проекцијата од 174.291 милион денари. Расходите ќе се зголемаат од 195.472 милиони денари на 197.410 милиони денари, а ќе се зголеми и буџетскиот дефицит од 3,6 на 4 проценти и ќе изнесува 23.119 милиони денари, наместо 21.181 милион денари.