Со финансиска поддршка во висина од 250.000 евра обезбедени преку заем од Кредитната банка за обнова – KfW банка ќе се изврши реконструкција на водоводната мрежа во општина Неготино.
 
Заемот е дел од проектот „Водовод и канализација на општините – фаза 1“ за кој Владата на Република Македонија во декември 2009 година потпиша Договор со KfW банката во висина од 8,6 милиони евра наменети за ревитализација на водоводната мрежа во осум општини во државата.
 
Договорот за заемот денеска во Неготино го потпишаа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, градоначалникот на општината Ване Трајков и директорот на Јавното комунално претпријатие „Комуналец“.
 
– Владата на Република Македонија со поддршка на Германија и KfW банката во осум општини во државата овозможи да се обезбедат средства за неопходните проекти за реконструкција и санација на водоводната мрежа што ќе овозможи поквалитетна вода за пиење и помалку загуби за Јавното комунално претпријатие, истакна вицепремиерот Ставрески по потпишувањето на Договорот.
 
Според градоначаникот Трајков, заемот е значаен за општината затоа што со него ќе се изврши потребната санација на водоводната мрежа.
 
Со добиените финансиски средства се очекува да се намалат загубите на комуналното претпријатие и граѓаните да добијат поквалитетна вода за пиење.(МИА)