Реформи во финансискиот сектор преку предложени нови и измена на постојни закони од оваа област во насока на усогласување со европската регулатива, зголемување на довербата на граѓаните во финансискиот сектор и зајакнување на неговата стабилност, најави денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
 
Владата предлага измени и новини во законите за фондот за осигрување депозити, за финансиско друштво, за Народна банка на Република Македонија, за ревизија и за државна ревизија.
 
Предложените измени на Законот за фондот за осигрување депозити предвидуваат зголемување на досегашното минимално ниво на осигурувачкиот износ од 20 на 30 илјади евра за секое физичко лице. Воедно, за разлика од досегашното законско решение, со кое стопроцентно беа осигурани само 10 илјади евра, а 90 отсто беше осигуран влогот од 10 до 20 илјади евра, сега целосно се осигурани сите 30 илјади евра. По влегувањето во ЕУ износот на осигурување треба да се зголеми на 100 илјади евра, што покрај за граѓаните ќе се однесува и за малите трговци.
 
– Со овие законски промени се очекува зголемување на штедењето и на довербата во банкарскиот сектор што ќе овозможи подобра кондиција на банкарскиот сектор, односно полесно и подолгорочно кредитирање на стопанството и граѓаните, оцени Ставревски на прес-конференција, истакнувајќи оти тоа е и мерка за побрзо заздравување на економијата.
 
Според Ставревски, износот на депозитите и на штедењето бележат раст на годишно ниво од 14 до 15 отсто. Измените на износот на осигурувачкиот депозит, како што кажа, нема да предизвикаат дополнителни тековни трошоци за банките во однос на она што го издвојуваат и сега.
 
Со новиот закон за финансиски друштва се предлага регулирање на работата на друштва што ќе се занимаваат со кредитирање, издавање гаранции, факторинг и издавање платежни картички. На тој начин покрај банкарскиот сектор и берзата се очекува креирање на трет сегмент на финансискиот пазар. За да работат во тие дејности финансиските друштва ќе мора да се регистрираат како трговско друштво, акционерско друштво и друштво со ограничена одговорност, а во овој бизнис ќе можат да се вклучат и домашни и странски лица. Основачкиот влог треба да изнесува 6 милиони денари од сопствени извори, над кој износ како и останатите трговски друштва ќе можат да се задолжуваат зависно од потребите. Вкупните побарувања кон финансиските друштва ќе може да изнесуваат десет пати повеќе од основачкиот влог. Тие ќе бидат обврзани двапати годишно, во февруари и во септември, да поднесуваат финансиски извештаи до Министерството за финансии, кое пак ќе биде надлежно за проверка на документацијата за работење и за издавање лиценци за работа. Министерот за финансии истакна дека една од целите на законот за финансиски друштва е и ставање контрола врз таканаречените лихварски фирми кои работат нерегуларно и со нереални камати.
 
Измените на Законот за Народната банка, пак, се во насока на усогласување со европската регулатива, односно утврдување на нејзините обврски по пристапот во Унијата и воведувањето на еврото како платежно средство.
 
Министерството за финансии предлага елиминирање на каков било вид влијание од извршната и законодавната власт во Советот на НБРМ, забранувајќи именување на функцијата неизвршен член на Советот за лица вработени од редовите во јавната управа. Тоа значи дека таа функција нема да ја вршат членови на Владата, пратеници и други лица со ангажман во државната администрација.
 
Неизвршните челнеови на Советот не смеат да се вработат во деловните банки две години по престанокот на функцијата во НБРМ. Останува ист седумгодишниот мандат и начинот на избор на гувернерот и вицегувернерите.
Ставрески најавува реформи и со измени на Законот за ревизија, кои ги оквалификува како храбар исчекор, но и важен предуслов за членството во ЕУ. Досегашните надлежности во делот на ревизијата на Министерството за финансии ќе ги преземе новоформирано независно тело – Совет за унапредување и надзор на ревизијата. Тоа ќе овозможи јавниот надзор и ревизијата да ја вршат стручни лица во насока на зајакнување на независноста во работењето, смета Ставрески.
 
Измените на Законот за Државна ревизија се во насока на усогласување со Законот за државни службеници. Со нив се предвидува во Државниот завод за ревизија покрај ревизори и помошници ревизори да работат и државни службеници и технички лица.
 
– Со овој закон се воведуваат посебни звања и посебни коефициенти каде е утврдена и платата на државните ревизори и на сите лица што учествуваат во процесот на ревизија. Сите други лица во таа институција остануваат да бидат регулирани со Законот за државни службеници освен помошниот персонал кој се регулира со Законот за работни односи, рече Ставрески.