„Ваша екселенцијо амбасадоре Рикер,
Почитуван директор на Царинската управа на Република Македонија, г. Ванчо Каргов,
Почитувани претставници на УСАИД,
Почитувани претставници на Владата,
Дами и господа,
Ми претставува особено задоволство од името на Владата на Република Македонија да се обратам по повод презентацијата на Едношалтерскиот систем за дозволи за увоз, извоз и транзит на стоки и тарифни квоти.
Овој проект е уште еден показател за успешната и континуирана соработка меѓу Владата и УСАИД.
Агенцијата УСАИД останува значаен партнер на Република Македонија, во спроведувањето на реформите за подобрување на бизнис климата преку воспоставување на едноставни и транспарентни процедури за водење бизнис.
Подобрувањето на бизнис климата останува приоритет на Владата на Република Македонија. Затоа и во следната година продолжуваме со имплементација на проекти во насока на подобрување на условите за работа на фирмите и зголемување на конкурентноста на македонската економија.
Наскоро ќе започне спроведувањето на вториот дел на проектот Регулаторна гилотина. Успешната имплементација на првиот дел во чии рамките значително го намаливме степенот на бирократија, ги преполовивме трошоците на фирмите за добивање дозволи, потврди, согласности и други административни услуги и воведовме едношалтерски систем за инвеститорите, беше поттик за ваков чекор. Очекуваме сестрана поддршка од УСАИД и бизнис заедницата и за вториот дел од проектот.
Еден од позначајните проекти што го имплементираме со УСАИД е Проектот е-Влада, преку кој со компјутеризацијата на процесите и постапките значително се намалува бирократизацијата и се зголемува ефикасноста на работењето на Владата.
Како дел од овој проект е и Он-лине регистарот за пријавување и одјавување на работниците, подготвен со поддршка на УСАИД кој неодамна беше ставен во функција. Регистарот е особено значаен од причина што овозможува едноставен пристап до евиденцијата на вработените лица и точни податоци.
Со воведувањето на портал за електронско плаќање на даноците за големите даночни обврзници и малите и средни претпријатија, се овозможи плаќање на даноци преку интернет. Проектот ја зголеми редовноста и ефикасноста во поднесувања на даночни пријави и го олесни евидентирањето на даночните податоци.
Еден од најшироко прифатените концепти, преку кој се обезбедуваат потребните услови за олеснето движење на стоката, но и спроведување на соодветни мерки на контрола е концептот на едношалтерскиот систем и контола при единствено застанување. Овој концепт е во примена во повеќе земји во светот и истиот е поддржан од страна на: Обединетите нации, Европската унија, Светската банка, Светската царинска организација и други, но најмногу и пред се од деловната заедница.
Примената на концептот, преку создавање на единствен систем, во кој се вклучени сите институции кои што имаат клучна улога во контролата на движењето на стоките во меѓунардоната трговија, придонесува за значително поедноставување на целокупната постапка. Од друга страна, се намалуваат трошоците кои претставуваат сериозен товар за јавниот и приватниот сектор.
Имплементацијата на едношалтерскиот систем е практична можност за користење на придобивките на информатичката технологија во работењето на државните органи. Преку овој систем, стопанските субјекти вклучени во меѓународната трговија можат на едно место да ги поднесуваат документите до државните органи, како би ги исполниле законските обврски во поглед на извозот, увозот и транзитот на стоки.
Едношалтерскиот систем за дозволи за увоз, извоз, транзит на стоки и тарифни квоти, што денес го промовираме поврзува 16 институции со надлежности во надворешно – трговското работење, со што значително се намалуваат административните трошоци на фирмите. Системот овозможува он-лине поднесување на барања за дозволи за увоз, извоз и транзит од страна на бизнисмените, како и електронско издавање на дозволите од страна на надлежните институции.
Реализацијата на овој проект и вклучувањето на сите релевантни државни институции, ја покажува неговата комплексност, но истовремено и олеснувањето на постапките за бизнисите кои досега документите ги проследуваа од институција до институција. Посебно би сакал да го истакнам ангажманот и мобилноста на Царинската управа, при преземањето на активности за прилагодување на законската рамка, како и создавањето техничка основа, хармонизацијата на податоците и постапките од страна на сите вклучени институции. Соработката со деловната заедница и нејзините сугестии и поддршка во неговата реализација се од голема важност за неговиот успех.
Очекуваме едношалтерскиот систем да ги даде позитивните ефекти во релативно краток рок, што ќе претставува дополнителен стимул за развојот на економијата, преку олеснет проток на стоки и зголемени инвестиции.
Почитувани,
Дозволете ми уште еднаш да се заблагодарам на поддршката и ангажманот на Владата на САД во реализацијата на Едношалтерскиот систем преку програмата УСАИД и нејзините проекти.
Се надевам дека и во периодот што следи заеднички ќе спроведуваме уште многу проекти кои имаат една цел – подобрување на деловното окружување на Република Македонија и зајакнување на македонската економија.
Со желби за добро здравје и успешна година ви ги честитам новогодишните и божиќните празници.“