Почитувани претставници на Програмата за развој при Обединетите нации – УНДП, Почитувани претставници на Светската туристичка организација, Почитувани туристички работници, Драги гости, Дами и господа,
Почитувани претставници на Програмата за развој при Обединетите нации – УНДП, Почитувани претставници на Светската туристичка организација, Почитувани туристички работници, Драги гости, Дами и господа,
Ми претставува особена чест и задоволство да дадам воведно излагање и да го отворам овој консултативен форум посветен на Националната Стратегија за развој на туризмот во Република Македонија.
Дозволете ми од името на Владата да им се заблагодарам на претставниците на Програмата за развој на обединетите нации – УНДП и на експертите од Светската туристичка организација кои дадоа голема поддршка и придонес во драфтирањето на првиот стратешки документ за развојот на туризмот во Македонија, во соработка со ресорното Министерство за економија.
Во оваа прилика, би сакал да истакнам дека активностите на УНДП во областа на туризмот целосно се совпаѓаат со заложбите зацртани во Програмата на Владата за развој на овој сектор. Затоа, убеден сум дека заедничките напори на овој план ќе не донесат до целта – Македонија да стане привлечна туристичка дестинација за целиот свет.
Македонија е земја со одлична географска местоположба и има клима погодна за туризам. Историското и културното наследство, многубројните археолошки наоѓалишта и еколошки чистите предели ја прават атрактивна дестинација за сите вљубеници во историјата, во добрата храна и во убавата и недопрена природа. Македонија има голем туристички потенцијал.
За најдобро искористување на сите потенцијали на туризмот и за негово поставување на вистинското место во денешниот високо конкурентен свет, повеќе од неопходна ни е Национална стратегија за туризмот. Стратегија, што треба да ги дефинира развојните компоненти и да ги даде компаративните предности кон кои ќе се профилира туризмот во Македонија во периодот 2008-2012 година. Стратегијата ќе помогне да се насочи организираниот пристап на туристичкиот пазар и да се изгради препознатлив туристички имиџ на државата. Политиките и активностите за подобрување на туристичката понуда и за привлекување поголем број туристи се исто така дел од оваа Стратегија.
Ќе се согласиме дека туризмот е моќен стопански сегмент за развојот на една економија. Ефектите од туризмот се повеќекратни и се изразуваат пред се во пораст на девизните приливи, подобрување на платниот биланс, креирање нови работни места и зголемување на инвестициите. Туризмот е секако привлечен и за странскиот капитал.
Бројните туристички услуги главно се одвиваат во доменот на делување на малите и средни претпријатија и на семејните бизниси. Затоа, вистинското насочување на енергијата во овој сектор повеќе од позитивно ќе се одрази врз растот, конкурентноста и развојот на овие претпријатија и на економијата во целина.
Во тој контекст, би сакал накратко да потенцирам дел од политиките и активностите на Владата за создавање поволни услови за развој и промоција на туризмот, како еден од приоритетните сектори:
- Спроведовме бројни реформи за подобрување на вкупната економска клима. Ги намаливме трошоците на фирмите преку намалување и поедноставување на даноците и олеснување на бирократските и процедурите за градба. Значително ги забрзавме постапките за регистрација на фирми и го подобруваме пристапот до кредити. Минатата недела го промовиравме Проектот за самовработување и поддршка на претприемништвото преку доделување поволни кредити за отворање работни места. Најголем интерес за вакви кредити очекуваме токму во дејноста на туризмот, особено за развој на семејните туристички капацитети и во изработката на сувенири и ракотворби карактеристични за нашето поднебје.
- Инфраструктурата е значаен фактор за развојот на туризмот и затоа започнавме значаен инвестициски циклус. Презедовме активности за модернизирање на аеродромите во Скопје и Охрид по светски стандарди и за подобрување на квалитетот на услугите на патниците. Ги намаливме цените за опслужување на аеродромите и ги укинавме аеродромските такси за организирани туристички летови со обезбедено сместување на патниците во туристичките капацитети во Македонија.
- Ја подобруваме патната инфраструктура и патната и информативна сигнализација. Посебен приоритет во следната година е изградба на автопатните делници на Коридорите 10 и 8, како и соодветна инфраструктура за постојки по должината на автопатната мрежа. За таа цел, во буџетот за 2008 година издвоивме 4,6 милијарди денари. Владата, со изградба на патниот правец кој води до самиот Ски-центар Кожуф, ја поддржа инвестицијата на овој голем Туристички центар и овозможи нејзина побрза реализација.
- Понатаму, работиме на отворање нови гранични премини и модернизација на постојните, како и на подобрување на професионалноста на царинските работници, со цел побрз и непречен премин на туристите.
- Доделивме атрактивна локација на која ќе се гради хотел од светски ранг (брендот на Резидор) во центарот на Скопје. Распишан е јавен повик за доделување земјиште за изградба на хотел по високи светски стандарди и во Охрид покрај Охридското езеро. Покрај хотели од висок ранг, за да се одговори на потребите на различни категории туристи, поттикнуваме изградба и на мали хотели – од типот на семеен бизнис во различни делови од Македонија. Исто така, охрабруваме инвестирање и во постојната инфраструктура. Хотелите Молика, Крушино и Попова Шапка ги објавивме за продажба на инвеститор кој ќе понуди најадекватна програма за модернизација и зголемување на стандардите на овие туристички капацитети.
- Оваа година овозможивме за првпат да биде подигнат квалитетот на плажите на Охридското крајбрежје и истите да бидат уредени по светски стандарди. Тоа овозможи пријатен престој на домашните и странски туристи кои дојдоа во значително поголем број отколку во претходните години. Од следната година, ќе бидат соодветно уредени и плажите на Преспанското и Дојранското Езеро, како и на Охридското езеро на потегот кај Струга. Со тоа дополнително ќе се зголеми туристичката понуда и атрактивноста на езерскиот туризам.
- За да ја добие туризмот неопходната институционална поддршка во постапка е основање на Агенција за промоција на туризмот, со јасно дефинирани надлежности. Основна задача на агенцијата ќе биде да ги имплементира активностите од Стратегијата за туризам, да ги презентира потенцијалите и компаративните предности на македонскиот туризам во странство, да привлекува туристи во Македонија, но истовремено и да обезбеди нивниот престој да биде квалитетен и пријатен.
- Во насока на запознавање со традиционалните вредности на македонската култура и архитектура, инициравме активности за изградба на виртуелно Македонско село кое ќе ги прикаже сите карактеристики и етно вредности од Македонското поднебје.
- Инициравме силна промоција на природните убавини и реткости на Македонија пред домашната и странската јавност. Утврдени се меѓународните туристички берзи и датумите каде Македонија ќе се промовира како атрактивна туристичка дестинација. Во подготовка е нов туристички пропаганден материјал од различни сегменти на туризмот. Македонија ја промовираме и во медиуми од светски ранг како што е Financial Times, The Economist, New York Times, Wall Street Journal и др. Во моментов се работи и на воспоставување соработка со голем број странски туроператори.
- Преку кампањата “Инвестирајте во Македонија“ ја креираме сликата за атрактивноста на Македонија како бизнис дестинација во светски рамки. Ефектите не се мерат само во инвестиции, туку и по значителното подобрување на имиџот на земјата. Очекувам позитивните ефекти од кампањата непосредно да се пренесат во сферата на туризмот.
Денес за разлика од порано, профилот на туристот е значително сменет. Во се поголем замав е туризмот каде културата и природните убавини се главниот мотив за посета на некои предели. Наспроти масовниот туризам присутен во соседните земји, компаративните предности на Македонија се во делот на селскиот, културниот, верскиот, винскиот, бањскиот, планинскиот и езерскиот туризам.
- Во делот на руралниот и верскиот туризам, Македонија изобилува со природна убавина и села во кои е сочувана архитектурата од пред неколку века. Имаме неколку илјади археолошки локалитети, цркви и манастири, џамии и амами, кули и мостови. И тоа е само дел од мотивацијата која е доволна туристите да ја посетат нашата убава и археолошки богата земја.
- Повардарието и тиквешијата се најпознатите македонски вински региони. Одличното македонско вино, убавата храна, како и амбиентот на подготвување на виното ќе бидат исто така инспирација повеќе да се ужива во винскиот туризам.
- Македонија изобилува со извори на лековита вода богата со минерали, кои придружени од природните убавини на околината се прекрасна дестинација за Бањски туризам.
Почитувани,
Владата ќе продолжи и понатаму да ги спроведува предвидените активности и развојни политики во насока на поддршка на туризмот заедно со приватниот сектор, со уверување дека во годините што следат, Македонија ќе прерасне во атрактивна туристичка дестинација.
Очекувам финализирање на Стратегијата најдоцна до крајот на оваа година за да конечно започне нејзината имплементација и да ги почувствуваме посакуваните ефекти: зголемен број на вработувања, поголеми девизни приливи, повеќе инвестиции, повисок економски раст, развој на малите и средни претпријатија, регионална распределба на туризмот и поддршка на заштитата на културното наследство.
Ви посакувам успешни и корисни дискусии на овој дводневен форум.
Благодарам.
Го прогласувам форумот за отворен.