Почитувани ученици,
Почитувани наставници,
Драги пријатели,
Владата на Република Македонија ја прогласи 2008 за Година на македонскиот јазик. Ова е значаен проект со кој се потврдува подготвеноста на Владата за широка афирмација на македонскиот јазик на патот кон европската и светската интеграција.
Глобализацијата, несомнено доведува до претопување на спецификите на јазиците и културите. Затоа, неопходно е афирмирање на националните вредности, а пред се на јазикот како наше духовно и културно наследство.
Грижата за македонскиот јазик е своевидна одбрана на културниот и нацоналниот идентитет.
Проектот “Година на македонскиот јазик“ ја промовира употребата на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо во јавната комуникација. Тоа треба да ја поттикне афирмацијата на македонскиот јазик во Европа и во светот, интересот на светската и европската јавност за неговото изучување, како и грижата за изучување на македонскиот јазик во дијаспората и во соседните земји.
Во тој контекст, Владата презема конкретни активности за културно организирање и изучување на македонскиот јазик на македонските иселеници во Европа, Канада, САД, Австралија, со цел да не се загуби допирот со македонскиот јазик, литература и култура.
Во поддршка на активностите на Годината на македонскиот јазик, изготвена е промотивна програма за настап во повеќе европски и светски центри. Ќе го подигнеме статусот на лекторите по македонски јазик и ќе отвориме нови македонски лекторати во странство.
Во моментов студентите на три универзитетски центри – Москва, Париз и Сосновјец, каде македонскиот јазик се изучува како главен предмет, по петгодишни студии се стекнуваат со диплома за дипломиран македонист. Особено радува фактот што странски македонисти се автори на бројни граматики на македонскиот јазик издадени на: англиски, руски, полски, чешки и други јазици.
Во рамки на меѓународните активности, Владата, финансиски ја поддржува и Летната школа за македонски јазик, литература и култура, што оваа година ќе се одржи во август во Охрид, на која присуствуваат голем број учесници од над 45 земји во светот. Значаен дел од програмата на оваа школа се предавањата од областа на македонската лингвистика, литература, национална историја, етнологија, фолклор. Целта е да се привлечат што поголем број млади научни работници кои ќе работат на полето на македонистиката.
Годинава ќе се одржат бројни настани на кои ќе се дискутира за статусот на македонскиот јазик во наставата; изучувањето на македонскиот јазик како странски; македонскиот јазик и литературното и преводното творештво; јазикот во средствата за јавно информирање, во политичката комуникација, во правно-законодавните акти, јазикот на натписите на јавни места.
“Годината на македонскиот јазик“ ќе ја одбележи и издавањето на капитални проекти од областа на македонскиот јазик: Македонскиписмениспоменицисоглаголскоисокирилскописмо,Лексиконнастранскимакедонисти, Македонскидијалектенатлас. Планирано е издавање и на трудови посветени на македонскиот јазик како мајчинкајисламизиранотонаселениевоМакедонија, најазикотнамакедонскитеиселеници, итн.
Грижата за македонскиот јазик значи негување на љубовта кон мајчиниот јазик од најмала возраст и поголема употреба во сите степени на образованието.Затоа, Владата, преку Министерството за образование и наука, ќе ја следи употребата на македонскиот јазик во образованиот процес, со прилагодување на наставните програми и воведување нови форми и содржини за унапредување на неговата употреба.
Со оглед на клучната улога на наставникот во изградбата на јазичниот усмен и писмен израз на учениците, континуирано ќе се следи степенот на познавање на македонскиот јазик кај наставниците и професорите.
Денес сведоци сме на недоследноста во употребата на македонскиот јазик во законски определените области на употреба, на неупотребата на официјалното кирилично писмо, неселективното прифаќање на туѓојазични елементи итн.
Исправени пред задачата да ги браниме своето име и својот јазик како суштествени белези на нашето постоење низ вековите, ќе продолжиме со афирмација на македонскиот јазик пред домашната и меѓународна јавност
Македонскиот јазик ни е оставен во трајно наследство од нашите предци и наша обврска е да се грижиме за него.
Оваа Влада, вложува многу во образованието. Целта ни е да изградиме личности, кои ќе се носат со предизвиците на современиот живот и ќе се стекнат со компетенции да бидат конкурентни на пазарот на трудот.
Го прогласувам државниот натпревар по македонски јазик за отворен и Ви посакувам успех и одлични резултати!