Скопје, 1 ноември 2013 (МИА) – Осигурителниот пазар во Македонија бележи напредок. Го карактеризираат стабилност и раст. Друштвата се солвентни, а капиталот од 1,130 милиони евра е четири пати над нивото на маргината. Ова беше оценето на денешната конференција по повод одбележувањето на Денот на осигурувањето – 1 Ноември.
– Осигурителниот сектор во Република Македонија во последните години бележи напредок и е на добар пат да ги оствари поставените цели. Во континуитет се зголемуваа обемот на производи што се нудат, како и интересот на граѓаните, посебно во делот на животното осигурување. Она што пред неколку години го немаше речиси во последниве години имаме значителни стапки на раст и воедно се подобрува и стабилноста и транспарентноста на работењето на осигурителните друштва, што секако е резултат на доброто работење на Агенцијата за супервизија на осигурителните друштва која врши теренска и вонтеренска контрола и која со процедурите и прописите и регулативата овозможи осигурителниот сектор во Македонија да работи согласно сите европски стандарди, рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Претседателот на Агенцијата за супервизија на осигурувањето Климе Попоски истакна дека бруто полисирана премија има позитивна стапка на раст од 6 отсто, при што во делот на неживотното е 4 отсто, додека во осигурувњето на живот растот е 25 проценти.
– Тоа укажува дека осигурителната индустрија во Македонија бележи еден динамичен развој. Имаме силно присуство на странски инвестиции, од 15 друштва за осигурување 14 друштва за осигурување се дел од осигурителни европски групации и тоа укажува дека странските инвеститори гледаат голем потенцијал во осигурителната индустрија во Република Македонија, истакна Попоски.
Посочуваќи дека има двоцифрен раст на животното осигурување рече дека е важно да се има поголема понуда на производи и оти со тоа ќе се креира и побарувачката.
Доминантно и натаму е осигурувањето од автоодговорност, но како што рече Попоски радува што последните три години се забележува пораст на доброволните класи на осигурувње, посебно кај имотното и осигурувањето од незгода.
– Автоодговорноста учествува со 45 отсто во вкупниот пазар иако пред три години тоа учество беше преку 50 отсто, што значи дека се повеќе паѓа на смета на т.н. доброволни форми на осигурување, рече Попоски и додаде дека во делот на имотното осигурување расте свеста кај населението и за разлика од минатата година има пораст од 8 отсто.
Она што очекуваат да се развива во иднина е се повеќе земјоделското осигурување, имајќи предвид дека е во завршна фаза проектот поддржан од Светска банка и Владата на РМ со формирање на реосигурителна компанија Европа-Ре.
Развој се очекува и во делот на приватното здравствено осигурување. Како што рече Попоски заклучно со крајот на октомври сите друштва за осигурување добија дозвола да работат во класата на здравствено осигурување, а имајќи предвид дека е донесен Законот за доброволно здравствено осигурување се очекува во иднина да има голем потенцијал за развој.