24 април 2020, Скопје – Од среда, 29 април, микро, малите и средни компании од сите дејности, погодени од кризата предизвикана од ковид-19, ќе можат да аплицираат за 8 милиони евра бескаматни кредити преку Развојната банка на Северна Македонија. Кредитите од оваа линија се во износ до 90.000 евра, а условите и постапката за аплицирање се олеснети. На јавната презентација на новата бескаматна линија, која претставува антикризна мерка за справување со оваа криза, присуствуваа министерката за финансии, Нина Ангеловска, директорот на Развојната банка, Кире Наумов и директорката на Централниот регистар, Марија Бошковска Јанковски.
За оваа кредитна линија можат да аплицираат сите погодени компании што имаат намалување на приходот за повеќе од 30% во последниот поминат месец, на пример во март, споредено со истиот месец минатата година или со просечниот месечен приход во 2019 година. Компаниите треба да се регистрирани повеќе од половина година, да немаат неплатени даноци и придонеси до 31.1.2020 година, да не се во постапка на стечај или ликвидација и да не спаѓаат во категоријата исклучително ризични кредитобаратели.
Министерката Ангеловска посочи дека бескаматните кредити се наменети за зачувување на работните места во фирмите и за подобрување на нивната ликвидност.
– За разлика од првата кредитна линија, оваа е наменета за сите дејности, а максималниот износ на кредитот е трипати повисок во однос на првата кредитна линија, односно минималниот износ на кредит е 3.000 евра, додека максималниот износ е 90.000 евра. Сумата на кредитот се одредува според бројот на вработени заклучно со 31.1.2020 година, односно минималната плата се множи по бројот на вработени и по 3 месеци. Како што кажува и името на кредитната линија – камата е нула. Трошоците за аплицирање кон Развојната банка, исто така, нема да се плаќаат. Рокот на отплата е до 3 години со вклучен грејс период до 12 месеци, додека обезбедувањето е со меница – рече Ангеловска.
– Алицирањето почнува од среда, 29 април на полноќ, а јавниот повик е достапен од денес на веб-страницата на банката. Аплицирањето ќе биде електронски, по примерот на ,,Ковид1“. Иако износот на кредитот се пресметува по формулата 14.500 х 3 месеци х број на вработени, најмалите претпријатија не се заборавени. Микро претпријатијата што имаат до 5 вработени, ќе можат да аплицираат за бескаматен кредит во износ од 3.000 евра – рече Наумов.
Целата постапка за аплицирање за средствата ќе се одвива електронски. Најголем број од документите ќе можат да се најдат на веб-страницата на Развојната банка, меѓу нив апликацијата, односно кредитното барање, изјавата за поврзаност со други правни/физички лица, изјавата дека не се носители на јавна функција и изјавата за проверка на кредитна изложеност. Компаниите ќе поднесуваат до Управата барање за уверение за платени давачки со состојба 31.1.2020 година, електронски.
Развојната банка и Централниот регистар склучија и договор за документите што им се потребни на кредитобарателите, односно Централниот регистар ќе ги дава бесплатно тековната состојба за кредитобарателот, потврдата за стечајна постапка, потврдата за ликвидациона постапка и листингот од завршната сметка за 2019 година, посочи директорката на Централниот регистар.
– Дополнително олеснување е и тоа што во услови кога треба да се почитуваат препораките за заштита на јавното здравје, странките немаат потреба да доаѓаат во Централен регистар за да ги извадат потребните документи, ниту да ги користат електронските услуги на нашата институција кои се 24 часа достапни. Во договорот што го склучивме со Развојната банка, предвидено е документите од Централен регистар што им се потребни на кредитобарателите електронски да ги преземаат вработени од Развојната банка – рече директорката на ЦРМ, Бошковска Јанковски.
Средствата за бескаматните кредити се обезбедени преку компензационите фондови од Јапонија.
– Целосно ги поддржувам преземените мерки за употребата на 8-те милиони евра од компензациониот фонд од Јапонија за македонскиот бизнис, се надевам дека овие мерки ќе им помогнат на компаниите да продолжат да работат и работните места да останат сигурни. Сите земји се борат против коронавирусот во моментов, и во овие тешки времиња треба заедно да работиме и да се поддржуваме. Денес, мило ми е што повторно можeмe да го потврдиме цврстото пријателство помеѓу Јапонија и Северна Македонија – рече во видео-изјава амбасадорката на Јапонија во земјава, Кеико Ханеда.
Заедно со новата кредитна линија, на фирмите им се ставаат на располагање вкупно 13,7 милиони евра бескаматни кредити преку Развојната банка. Досега, од првата кредитна линија „Ковид 1“ се обработени барањата на 254 компании, во кои работат 2.853 вработени, во износ од 2,2 милиона евра. Исто така, преку комерцијалните банки ќе се стават на располагање и евтини кредити со субвенционирана камата од 50 милиони евра.
Мерките што ги донесе Владата за поддршка на компаниите можат да се групираат во следните групи мерки – даночни олеснувања како што се: ослободување од аконтации на данок на добивка и данок на личен доход, 50% субвенции на придонеси, директна финансиска поддршка за заштита на работните места, потоа мерки за заштита на ликвидноста и регулаторни или таканаречени меки мерки за граѓаните и стопанството.