Скопје, 18 ноември 2012 (МИА) – Нов спорстки центар „Јане Сандански“ со две спортски сали, хотел и други придружни објекти и содржини на местото на постојната истоимена спортска сала планира да гради општина Аеродром по пат на јавно-приватно партнерство, за што утре ќе распише јавен повик.
Понудувачот што ќе биде избран на јавниот повик ќе треба да го изгради спортскиот центар со сопствени сретства, кои според првичните проценки би изнесувале околу 10 милиони евра, за што ќе добие концесија за стопанисување со центарот во наредните 35 години.
– Се работи за спортски центар кој што содржи една спортска сала со 5.000 гледачи и плус една помошна сала со 1.000 гледачи, комерцијален простор, простор за хотелско сместување со теретана, спа центар, така што центарот очекуваме да продуцира интерес од идните инвеститори и во декември доколку постои интерес за јавно приватно партнерство да го склучиме договорот, рече градоначалникот на општина Аеродром Ивица Коневски на денешната прес-конференција.
Тој појасни дека доколку се склучи таков договор постојната спортска сала ќе биде срушена, а новиот центар би требало да се изгради за 18 месеци. Инвеститорите ќе бидат ослободени од плаѓање комуналии за изградба на објектот.
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески истакна дека оваа иницијатива на општина Аеродром е добра бидејќи, како што истакна, спортот е активност значајна за здравјето на луѓето за формирање на здрави личности, за натпреварувачки дух и позитивна атмосфера.
– Милсам дека ова е една добра иницијатива со оглед на тоа што се работи за една голема општина со над 90 илјади жители. Мислам дека во општината потребата се јави уште во 1996 година кога тука се играше голем натпревар меѓу МЗТ Скопје и Реал Мадрид. Во последните четири секунди со слободни фрлања на Перо Блажевски МЗТ победи 69:68. Беше еуфорична и убава атмосфера. Во салата имаше околу 2.000 луѓе, но уште толку имаше надвот. Така што уште од тогаш се наметна потребата аеродром да има поубава и поголема спортска сала, рече Ставрески.
Додаде оти тоа го заслужуваат и добрите навивачи и многубројните љубители на спортот, но пред се и спортистите.
– Познато е дека во спортот 95 проценти од успехот е тренингот, а само 5 проценти талентот, така што за спртистите да имаат добри резултати треба да имаат добри спортски услови, рече вицепремиерот Ставрески. Спортскиот центар ќе се простира на површина од 11 метри квадратни. а ќе се гради според стандардите на ФИБА и ЕХФ.
Во главната повеќенаменска сала ќе може да се вежба кошарка, ракомет, мал фудбал и одбојка, а во помошната сала ќе се оздвиваат тренинзи и ќе има фитнес сали.