Глобалната финансиска криза и конкретните можности за зголемување на помошта за Македонија во делот на енергетскиот и инфраструктурниот сектор, беа главна тема на синоќешните средби по македонско време на заменик претседателот на македонската Влада, Зоран Ставрески со директорот на Меѓународниот монетарен фонд (

Глобалната финансиска криза и конкретните можности за зголемување на помошта за Македонија во делот на енергетскиот и инфраструктурниот сектор, беа главна тема на синоќешните средби по македонско време на заменик претседателот на македонската Влада, Зоран Ставрески со директорот на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Доминик Строс-Кан и со претседателот на Светската Банка, Роберт Зелик во Вашингтон.

-Како претседавач на Годишното собрание на Светската банка и ММФ за оваа година средбите ги искористив да покренам две важни прашања, а тоа се како Светската и ММФ ќе реагираат во однос на постојната финансиска криза, посебно кога станува збор за помалите земји во развој, како што е Македонија, каде почнуваат да се чувствуваат првите знаци од она што се случува во светот и на кој начин Светската банка и ММФ можат да помогнат. Во исто време разговаравме, посебно со Светската банка, за конкретните можности за зголемување на помошта за Република Македонија во делот на енергетскиот сектор и изградбата на патишта и железнички линии, изјави Ставрески по средбите.

Тој нагласи дека од позиција на претседавач на Генералното собрание имал можност да го истакне случајот на Македонија како земја што „оди напред и има добри успеси во реформите и треба и натаму да биде поддржувана од овие две финансиски институции“.

Ставрески потенцира дека актуелната глобална финансиска криза претставува предизвик од историски размери, бидејќи зафати голем број земји и во овој момент никој не може да предвиди кога ќе заврши. Според него, потребен е координиран пристап, нешто слично на она што го преземаа земјите на ЕУ каде беа поставени принципите за реакција, а потоа на секоја земја поодделно и е оставено да реагира во зависност од сопствената ситација

-Во тој дел ММФ и Светската банка како институции кои се на врвот на светската финансиска инфраструктура имаат своја улога. ММФ во делот на помош на земјите да ги покријат дефицитите на тековните сметки, а Светската банка да продолжи да им помага на земјите посебно во делот на поддршката за земјоделството и за енергетика, области кои поради високите цени на храната и енергенсите диспропорционално ги погаѓаат сиромашните луѓе и сите сиромашни земји, истакна Ставрески, додавајќи дека за двете институции предизвик е на кој начин да ја координираат таа помош со владите од соодветните земји, со цел таа да биде најефикасна.

Македонскиот Вицепремиер истакна дека на средбите со Доминик Строс-Кан и Роберт Зелик добил уверување дека Светската банка и ММФ остануваат отворени за поддршка не само за Македонија, туку и за сите земји во Југоисточна Европа.

-Очекувам дека ќе добиеме позитивно светло за финансирање на одредени проекти во енергетскиот сектор и очекувам дека Светската банка ќе остане и натаму доста активна во подобрување на бизнис климата, рече Ставрески.

Тој нагласи дека Македонија и целиот регион и натаму заслужуваат внимание посебно во напорите за интегрирање во ЕУ, при што Светската банка и ММФ можат да помогнат со совети и со инвестиции за постигнување на сите стандарди потребни за членство во Унијата.

-Останува во следниот период со оперативните тимови на Светската банка да ги договориме конкретните проекти. Првично имавме еден договор за финансирање на одредени проекти, а сега говориме за поголема поддршка од тоа, потенцира Ставрески.

Тој нагласи дека претседателот на Светската банка посебно се интересирал за состојбата во банкарскиот сектор во Македонија и за последиците врз него од сегашната финансиска криза во светот.

-Објаснив дека е добро што банкарскиот систем во Македонија ја базира кредитната активност на сопствените средства, односно на депозитите од претпријатијата и граѓаните, а помалку има позајмици од странство, што значи дека евентуалниот пораст на цената на финансиските средства или кризата во други земји нема да има такво влијание врз македонските банки, рече Ставрески.

Вицепремиерот нагласи дека македонската Влада внимателно го следи развојот на настаните и доколку биде потребно ќе реагира со соодветни мерки, но дека засега нема потреба од такво нешто бидејќи индикаторите за квалитетот на кредитното портфолио на македонските банки се доста позитивни.

Во врска со состојбите на Македонската берза, Ставрески нагласи дека таа не е интегрирана на таков начин како што се другите берзи и затоа финансиската криза нема директно влијание врз неа, но дека има психолошко влијание од тоа што се случува во регионот и таа не може да биде имуна на тие случувања.

Тој потенцира дека основниот проблем во светот е што е нарушена довербата во финансиските институции и во берзите и дека е прашање колку средства што се инјектираат во финансискиот сектот ќе бидат доволни за да се поврати довербата на инвеститорите и тие да се вратат на берзите.

-Очекувам дека Македонската берза нема да биде долгорочно погодена и дека постепено ќе почне да закрепнува, бидејќи го нема проблемот на нереална валуација на акциите на компаниите што котираат на неа, нагласи Ставрески по средбите со првите луѓе на ММФ и Светската Банка.

Comments are closed.