Вашингтон, 8 октомври 2010 (МИА) – Проекциите што ги направи Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за македонската економија се охрабрувачки бидејќи гледано напред за втората половина од годината и за следната година се многу слични со проекциите на Владата, изјави денеска македонскиот вицепремиер и министер за финансии Зоран Ставрески во Вашингтон.
– И ММФ и Владата предвидуваат дека втората половина ќе биде подобра за македонската економија и оти следната година Македонија ќе биде меѓу земјите кои ќе остварат релативно повисоки стапки на раст. Значи излегуваме од кризата, економијата заздравува, а тоа е добро гледајќи во иднината бидејќи е важно со оглед дека во услови на криза сите економии гледаат како да преживеат, рече Ставрески, кој ја предводи македонската делегација на Генералното собрание на ММФ и СБ.
Според него, значајно е и што Македонија е една од ретките земји во регионот која што ќе има позитивни стапки на раст во 2010 и во 2011 година.
– Според проекциите на ММФ има неколку земји од регионот меѓу кои и земји што се во ЕУ како Романија, Грција и Бугарија, кои што ќе имаат рецесија оваа година па дури и следната година. Така што, охрабрувачки е што ММФ потврди дека Македонија има добра перспектива, посебно за следната година, оцени Ставрески одговарајќи на новинарско прашање за новите проекции што ги објави деновиве ММФ.
Од серијата средби со првите луѓе на ММФ и Светска Банка, на форумот во Вашингтон македонскиот вицепремиер очекува потврда за квалитетот и резултатите од економските политики на Владата.
– На средбите со првите луѓе на ММФ и СБ и мисиите на СБ и ММФ очекувам да се потврди квалитетот на економските политики, односно да добиеме една реална, професионална, стручна оценка од најквалитетните институции во светот за тоа дали македонската економија оди во добра насока и дали политиките даваат резултати или имаат некој совет што можат да ни го дадат за резултатите да бидат што подобри, вели Ставрески.
Покрај потврдата за политиките како квалитетни, вицепремиерот Ставрески очекува и продолжување на добрата соработка со овие две финансиски институции во делот на финансиска поддршка за позасилен економски развој на Македонија.
– Има многу проекти, има буџетска поддршка што ја даваат ММФ и СБ што може да помогне економијата во Република Македонија да оствари подобри економски резултати и верувам дека како и досега тие ќе потврдат дека македонската економија и политиките што ги водиме се добри за да може да продолжи добрата соработка со овие две институции, укажа Ставрески.
Проценка за економската криза во изминатите две години и каков беше одговорот на СБ на кризата, кои се потребите на земјите во развој како и проценка на идните предизвици и можности, се меѓу темите за кои ќе дискутираат министите за финансии и гувернерите од земјите членки на ММФ и СБ за време на овогодинешното Генерално собрание во Вашингтон.
Во состав на македонска делегација на Годинешото собране на ММФ и СБ, се и вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и заменик министерот за економија Методиј Хаџи-Васков. Предвидено е вицепремиерот Ставрески да се сретне со извршниот директор на ММФ Ејџ Бакер, шефот на мисијата на ММФ во Македонија Вес Мекгру, потпретседателот на Светска банка Филип Леру и директорката за Македонија Џејн Армитаџ, како и со високи претставници од ММФ и Светска банка, Најуки Шинонара и Руд Треферс.
Есенските состаноци на ММФ и Светска банка се одржуваат секоја година. На нив учествуваат министри за финансии и гувернери на централните банки на 187 земји членки, кои дискутираат актуелните случувања во светската економија и на теми како намалување на сиромаштијата и поттикнување на економскиот раст.