Со нов закон ќе се регулира организирањето игри на среќа, кој треба да овозможи поголема сигурност, доверба и заштита на учесниците и приредувачите на игрите на среќа, како и намалување на сивата економија и контрола на паричните текови во областа на игрите на среќа.
 
Предложениот закон од Владата треба да се достави до Собранието и се очекува да се донесе за месец до два.
 
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на денешната прес-конференција рече дека потребата од донесувањето нов закон е поради тоа што постојниот што ја регулира оваа област е од 1997 година и не соодветствува на потребите на пазарот на игрите на среќа, желбите на учесниците и можностите на приредувачите.
 
Меѓу новините што ги предвидува новото законско решение е задолжително електронско поврзување на приредувачите на посебни игри на среќа, односно казино, автомат клубови и обложувалници, со компјутерскиот систем на Управата за јавни приходи. Ќе се применува од 1 јануари 2012 година. Во системот треба да бидат поврзани сите автомати, односно компјутери, преку кои ќе се врши евидентирање од сите деловни простории на приредувачот, така што системот ќе обезбедува податоци за уплатата и исплатата кои ќе можат да се прикажуваат во секое време.
 
– Со воведувањето на овој систем приредувачите на овие игри ќе бидат ослободени од плаќање на досегашната посебна давачка од четири отсто од уплатата кај обложувалниците и месечните паушали кај автомат-клубовите и казината. Наместо тоа, сите приредувачи на посебните игри на среќа ќе плаќаат иста давачка во висина од 20 отсто на разликата меѓу вкупните уплати и исплати, појасни министерот Ставрески кој рече дека оваа новина е во интерес на зајакнување на даночната дисциплина во областа на посебните игри на среќа, преку постојана и непрекината контрола од страна на УЈП.
 
Годинава како преодно решение е прифатено обложувалниците да плаќаат давачка од 100.000 денари по уплатно место, односно по објект. Тој потенцира дека сега не се големи средствата во буџетот по овој основ и оти може да има пореална слика колкави се приносите една година по примена на законот, но оти сивата економија е прилично голема.
 
Со законот се предвидува забрана на малолетниците за пристап во казина, обложувалници, автомат клубови, односно кои било простории каде се приредуваат игрите на среќа. Се укинуваат и просторнтие ограничувања што постоеја за спортските обложувалници, односно од сите места ќе може да се врши уплата и исплата и тие ќе треба да имаат минимални просторни услови за нормално одвивање на дејноста. Новина има и кај надоместоците за добивање лиценци и посебни давачки кај посебни игри на среќа кои се зголемени за пет отсто, кое според министерот е умерено и нема да наштети на пазарот. Овие средства се во насока на финансирање на спортските клубови и националните спортски федерации преку Агенцијата за спорт и млади.
 
Законот овозможува и организирање нов вид интернет игри на среќа, за кои ќе се издаваат лиценца за производител на софтверот, која ќе чини 25.000 евра и лиценца за приредувач која ќе чини 50.000 евра. Покрај ова ќе се регулираат и интерактивните игри на среќа, како квизовите. Утврдено е исплатата на добивката да се врши најмногу до 60 дена, како и роковите за издавање на лиценците за 30 дена и на дозволите за осум дена.
 
Законот е изготвен врз основа на искуствата од ЕУ, од регионот и од други европски земји, а во неговата подготовка се консултирани и стопанските комори, како и невладините организации кои директно се финансираат од средствата остварени од приредувањето на игрите на среќа и забавните игри.(МИА)