Македонските претпријатија сериозно ги чувствуваат последиците од намалената деловна активност на своите партнери од регионот и од Европа. За извозниците тоа значи намалено производство, ниски приходи и секако опасност за самите работници.

Македонските претпријатија сериозно ги чувствуваат последиците од намалената деловна активност на своите партнери од регионот и од Европа. За извозниците тоа значи намалено производство, ниски приходи и секако опасност за самите работници. За да ги ублажи последиците, Владата донесе пакет од 10 мерки наменети за помош на македонското стопанство

Големата светска економска криза која првично го зафати финансискиот, а потоа се прелеа и се продлабочи во реалниот сектор, ги принуди владите во светот да преземаат радикални мерки за закрепнување на нивните економии. Само пред два дена ЕУ усвои пакет на фискални мерки тежок 200 милијарди евра како директна поддршка на реалниот сектор. Оваа недела, САД спроведувајќи го својот „план за спас“ на економијата најави одобрување на дополнителни 800 милијарди долари поддршка. Македонските претпријатија сериозно ги чувствуваат последиците од намалената деловна активност на нивните партнери од регионот и Европа. За извозниците тоа значи намалено производство, ниски приходи и секако опасност за самите работници. За да ги ублажи последиците, Владата донесе пакет од 10 мерки наменети за помош на македонското стопанство.

Вкупната поддршка за стопанството преку овие мерки ќе изнесува околу 20 милијарди денари, односно 330 милиони евра. Со Законот за отписот на камати на достасаниобврски по основа на даноци и придонеси за задолжително социјално осигурување, се предвидува отпишување на сите неплатени камати достасани до 31 декември 2008. Тоа значи дека сите фирми што имаат неплатени камати по основа на персонален данок на доход, данок на добивка, ДДВ, даноци на имот и придонеси за пензиско осигурување, имаат можност за отпис на заостанатите обврски по основа на камати. Услов за остварување на ова право е целосно намирување на главниот долг. Притоа, каматата ќе им биде отпишана во целост (100 отсто) доколку главниот долг го платат до 30 април 2009. Ако главниот долг биде платен во периодот од 1 мај до 31 август, каматата ќе се отпише во износ од 75 отсто, а со плаќање во периодот од 1 септември до 31 декември, ќе се отпише 50 отсто од каматата. Со Законот за мирувањето и отпишувањето на обврските на фирмите по основа на придонеси за задолжително здравствено осигурување, сите заостанати обврски на фирмите по основа на здравствено осигурување заедно со каматите достасани на 31 декември 2008 година се ставаат во мирување во следните четири години, до 31 декември 2012 и во тој период не се пресметува камата. Доколку во овој 4-годишен период фирмите и осигурениците редовно ги плаќаат тековните обврски, главниот долг и каматата кои се ставени во мирување, се отпишуваат во целост.

 Со Законот за изменувањето и дополнувањето на Законот за даночната постапка се овозможува репрограмирање на даночните обврски. Сите фирми што имаат тешкотии во работењето, со цел да не се загрози нивниот опстанок, ќе им биде овозможено даночниот долг да го отплаќаат на 36 рати. Со оглед на отежнатите услови за работа на фирмите, забраната за плаќање за фирмите што имаат блокирани сметки, што требаше да се применува од 1 јануари 2009 година, ќе се применува од 2010 година. Со оваа мерка се дава уште еден преоден период за фирмите да го приспособат своето работење со Законот за платниот промет. Законот за претворањето на побарувањата на Република Македонија по основа на јавни давачки во траен влог ги регулира обврските на ОХИС, ЕМО, Тутунски комбинат- Прилеп и „Еурокомпозити“. Се работи за фирми што имаат огромни заостанати обврски акумулирани долги години наназад и влошена ликвидност. Имајќи предвид дека државата има мнозинско учество во управувањето во овие фирми, а главно обврските се кон државни институции, пред да се пристапи кон продажба на акциите во тие фирми, побарувањата по основа на даноци, придонеси и други јавни давачки ќе бидат претворени во траен влог. Со ова, ќе се санираат долгогодишните проблеми со ликвидноста и фирмите ќе станат атрактивни за продажба на заинтересирани инвеститори што ќе ја продолжат и прошират нивната деловна активност. Целта на оваа мерка е привлекување стратешки инвеститор заради трајно решавање на проблемите во овие претпријатија.

Во сферата на даноците, добивката во иднина ќе се оданочува само кога таа се распределува во дивиденда, по примерот на естонскиот модел. Исто така, се пролонгира плаќањето на данок на камата на штедни влогови во следните две години, а предвидено е и намалување на царините. Воедно, Владата со сите министерства, агенции, фондови, јавни претпријатија и други друштва во државна сопственост, оваа година ќе се откаже од непродуктивните трошоци за славење на новогодишните празници, репрезентации, подароци и слично. За поддршка на најсиромашните земјоделци, се намалува оданочувањето на сите што имаат годишен приход до 1.300.000 денари. Притоа, земјоделците кои имаат годишен приход помал од 300.000 денари (5.000 евра) ќе бидат целосно ослободени од плаќање данок, а за оние со приход меѓу 300.000 и 1.300.000 денари, даночната основица ќе биде намалена за 80 отсто. Со ова, земјоделец кој има до 5.000 евра приход нема да плаќа данок, оној со приход од 10.000 евра ќе плати 200 евра данок, а оној со приход од 20.000 евра ќе плати 400 евра данок на доход.

Овие мерки, заедно со намалувањето на стапките на социјалните придонеси за една третина почнувајќи од 1 јануари 2009 година, значат сериозна поддршка на македонското стопанство. Тие значат намалување на трошоците за тековно работење, ослободување од товарот на заостанатите обврски и со тоа подобрување на неговата конкурентност. На тој начин, македонските претпријатија ќе може да ја пребродат кризата, односно последиците за претпријатијата и работниците да бидат поумерени. Дополнителен стимул за поддршка на растот на македонската економија во 2009 ќе дојде и од продуктивните капитални расходи, кои во 2009 година се зголемени на ниво од 480 милиони евра. Тие средства се наменети за десетици инфраструктурни проекти за изградба на патишта, железнички пруги, енергетски објекти, училишта, болници, водоводи, канализации, социјални станови, спортски објекти итн. За нивната изградба ќе бидат ангажирани многубројни македонски фирми, што ќе обезбеди работа за многу македонски работници.

Comments are closed.