29 април 2020, Скопје – Подобрувања на условите на мерката за финансиска поддршка 14.500 денари по вработен – со поголема флексибилност во условот за одржување на бројот на вработени, можност за комбинирање на мерката со мерката „50% субвенции на придонеси“ за најпогодените сектори и можност помошта да се трансформира во грант – неповратни средства. Овие новини се во координација со Светска банка, која ќе финансира дел од мерката со заем од околу 50 милиони евра. Министерката за финансии, Нина Ангеловска и директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, денес, на прес-конференција ја презентираа мерката за која работодавците и самостојните вршители на дејност ќе можат да аплицираат од почетокот на мај, а видео обраќање имаше и директорот на Светска банка за Република Северна Македонија и Косово, Марко Мантованели.
Една од новините е дека малите и микро претпријатија можат да го задржат истиот број вработени минус 15%, средните до минус 10% и големите до минус 5% од вработените. Пред промената на овој услов, тие беа обврзани да го задржат истиот број вработени до јули, односно два месеца по користење на мерката. Со воведувањето на овие проценти, повторно ќе се спречат отпуштања, но се зголемува опфатот на фирми кои ќе можат да аплицираат за мерката, а со тоа и да продолжат да функционираат. Ова е особено важно за микро и малите претпријатија.
Се излегува во пресрет и на најпогодените дејности од ковид-19, односно угостителството, туризмот и транспортот со дополнителна поддршка, така што се дозволува антикризните мерки „14.500 денари по вработен“ и „50% субвенција на придонеси“ да се комбинираат за овие дејности, доколку фирмите немале загуба за 2018 и 2019 година, не се на листата на должници на УЈП од март 2020 година и заклучно со февруари не доцнеле со плаќање на обврските по основ на кредити подголго од 90 дена од денот на достасување.
– Со ова тие ќе може да исплатат поголеми плати на работниците, бидејќи поддршката што ќе може да ја добијат изнесува и до 19.500 денари, односно, 14.500 ден. од оваа мерка и по основ 50% субвенционирање на придонесите до максимум просечена плата околу 5.000 денари – рече министерката за финансии, Нина Ангеловска.
Трета нова поволност е можноста средствата што ги земале фирмите преку мерката да им се трансформираат во грант, односно неповратни средства.
– Како што знаете, и претходно компаниите кои би оствариле загуба во 2020 година, немаше да ги враќаат средствата од помошта, односно доделените средства од државата ќе бидат неповратни за нив. Сега се проширува опфатот на мерката и со oние фирми коишто се очигледно опфатени од кризата, односно со фирми кои последниве две години имаат добивка, кои не се на листата на должници на УЈП и кои до март годинава не доцнеле со плаќање на обврските по основ на кредит подолго од 90 дена од достасаноста, како и ако инвестираат еднаков или поголем износ на добиената поддршка во тренинзи на вработени, надградба на процеси, продуктивен капитал. Средствата и за нив ќе се трансформираат во грант средства – рече Ангеловска.
Лукаревска, пак, истакна дека Управата за јавни приходи за оваа мерка го надгради својот систем со цел да им излезе во пресрет на сите работодавачи, да можат на брз и едноставен начин да аплицираат за оваа финансиска поддршка – 14.500 денари нето-плата за секој вработен. Државата се грижи за секое вработено лице и оваа мерка се однесува токму на спречување на отказите од работните места.
Директорката на УЈП ги повика работодавците кои ќе побаруваaт финансиска поддршка за исплата на плати за своите работници, веднаш по завршувањето на овој месец, односно веќе од 1-ви мај да поднесат Барање за финансиска поддршка – образец БФП-ИП до Управата за јавни приходи преку системот е-даноци, најдоцна до 7-ми мај, за исплата на платите за април (односно до 7-ми јуни за исплатата на платите за мај).
Управата за јавни приходи ќе го потврди барањето во рок од 3 дена од денот на неговиот прием, а откако работодавецот ќе добие потврда од Управата дека барањето е комплетно, во образецот МПИН во полето 3.4б внесува шифра 5000, за оние вработени за кои бара финансиска поддршка (односно исплата на плата од најмногу 14.500денари).
Работодавецот истовремено може да користи друга мерка за субвенционирање на социјалните придонеси и/или данок на доход за што во полето 3.23 од МПИН образецот ја внесува соодветната шифра за ослободување, и истата ја комбинира (користи истовремено) со шифрата што ја внел во полето 3.4б, односно шифрата 5000. По обработката на МПИН образецот, Управата за јавни приходи го информира работодавецот за вкупниот износ на финансиската поддршка што ќе му биде исплатен за соодветниот месец и ја известува Владата на Република Северна Македонија за сите оние што ги исполнуват овие услови. Средствата ќе се исплаќаат веќе од 10-ти мај за платите за април, односно од 10-ти јуни за платите за мај.
Лукаревска ги повика работодавците да ги задржат вработените на своите работни места преку оваа финансиска поддршка, бидејќи, како што изјави „оваа здравствено – економска криза нѐ погоди сите, но ние сме тука да работиме посветено и неуморно за да можеме на некој начин да ја ублажиме вашата состојба, а во која се најдовме сите, поради кризата предизвикана од ковид-19“.
Во видео обраќање, директорот на канцеларијата на Светска банка во земјава, Мантованели, истакна дека врз основа на технички анализи, искуства од претходни големи кризи, но и мислењата собрани преку консултации со приватниот сектор, вклучително и во Северна Македонија биле дадени препораки за мерката за финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен, како и дека повеќето од препораките се вклучени во главната рамка усвоена од страна на Владата, а неколку се дел и од уредбата, којашто беше претставена денес.
– За да ги поддржиме нашите препораки за време на имплементацијата, понудивме мобилизација од неалоцирани средства од проекти на Светска банка кои се веќе одобрени, за финансирање на мерката на Владата за субвенција на платите за неколку месеци, со тоа што тие треба да се насочат кон поддршката за добростоечки макро, мали и средни претпријатија, врз основа на лесно применливи критериуми. Таргетирањето го правиме бидејќи веруваме дека тие претпријатија ќе бидат јадрото на економското закрепнување на земјата – рече Мантованели.
Мерката е наменетa за секоја фирма којашто има намалување на приходите од најмалку 30% во април и мај – во однос на месечниот просек од 2019 година, во однос на месечниот просек од основањето на компанијата или во однос на сезонскиот просек од последните 4 месеци спореден со сезонскиот просек од претходната година за фирми од специфични сезонски дејности. Фирмите не смеат да исплаќаат дивиденди, бонуси, годишни награди, награди за деловна успешност за времетраење на мерката и просекот на највисоките нето-плати на 10% од вработените не смее да надминува 120.000 денари по вработен.
Мерката се однесува на сите вработени освен на вработените со плата над 39.900 денари, на вработените за кои се користи ослободување од плаќање придонеси од проектот „Македонија вработува“ и доколку работодавецот ја користи мерката од првиот сет економски мерки за субвенционирање на 50% од придонесите, а фирмата не е од најпогодените дејности.