Буџетските средства за образованието се зголемени од 3,5 на 5,9 отсто од БДП, што е над просекот на земјите одЕУиОЕЦД. Значително е зголемен бројот на запишани студенти на државните универзитети, посебно на техничките и на информатичките науки
Деновиве имав задоволство да присуствувам на одбележувањето на почетокот на академската 2008/2009 година на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и во Струмица. Универзалната порака на големиот револуционер чие име достоинствено го носи овој универзитет – за разбирање на светот како поле за културен натпревар меѓу народите – претставува дополнителен мотив за сите нас. За студентите, кои со откривањето на тајните на науката ќе ги прошират сопствените хоризонти и ќе бидат интегрирани со своите врсници во глобалниот свет. Но и за нас како Влада, која мислата на Гоце Делчев ја вгради во своите определби за подобро образование за сите граѓани.
Инвестирањето во образованието е секако најдобрата инвестиција, инвестиција за подобра иднина на сите граѓани. Инвестирањето во сопственото образование, пак, за секој човек е најсигурен пат за креирање на сопствената иднина. Токму затоа подобрувањето на образованието е еден од стратегиските приоритети и цели на Владата за периодот 2008-2012 година.
На образовниот систем во Република Македонија, особено на високото образование, нужно му беа потребни реформи. Тие се во насока на негова модернизација согласно со потребите на современите општествени услови, како и целосно усогласување со Болоњската декларација и европскиот образовен систем. Во тие рамки, кредит-трансфер системот ќе овозможи голема мобилност на македонските студенти во земјите на ЕУ и пошироко. Со тоа, одредени содржини од наставните програми ќе можат да се следат и на други универзитети надвор од земјава.
Во изминатиот период спроведени се голем број мерки и проекти за подобрување на квалитетот на образованието и студентскиот живот. Пред се, буџетските средства за образованието се зголемени од 3,5 на 5,9 отсто од БДП, што е над просекот на земјите од ЕУ и ОЕЦД. Во оваа учебна година значително е зголемен бројот на запишани студенти на државните универзитети, посебно на техничките и на информатичките науки. Преку проектот Е-дорминг зголемена е транспарентноста во доделувањето на слободните места во студентските домови. Во тек е реконструкција на студентските домови и поставување на ЛАН-мрежи и бесплатен интернет-пристап во секоја соба. Истовремено, овозможено е онлајн-аплицирање за студентските стипендии и кредити.
Реформите во образовниот систем се многу значајни во насока на создавање квалификувана работна сила што ќе одговори на потребите на пазарот. Имено, еден од најзначајните фактори во одлучувањето на инвеститорите за вложување во нови фабрики е расположливата едуцирана и стручна работна сила. Така на пример, „Џонсон контрол“ и „Џонсон Мети“, пред донесувањето на одлуката за инвестирање во Македонија, направија истражување на пазарот на работната сила, при што утврдија дека Македонија располага со технички добро образовани и високомотивирани млади луѓе, спремни да одговорат на предизвиците на глобалната конкуренција.
Со активирањето на студии на повеќе насоки на Универзитетот „Гоце Делчев“ се остварува определбата за достапност на образованието до што е можно поголем број млади луѓе. Студирањето носи можност за учење, организиран студентски живот, културни активности, пристап до најнови информации и стручна литература, со што нуди поквалитетен и поинаков избор за граѓаните од источна Македонија. Овозможувањето илјадници млади луѓе од Штип, Струмица, Свети Николе, Радовиш, Кочани, Гевгелија, Богданци, Виница, Пехчево, Берово, Конче и многу други населени места да студираат во или близу до своето родно место, е крупен исчекор во напорите за создавање пообразована и поконкурентна работна сила и развој на овие градови и региони.
Отворањето на нови можности за образование за младите луѓе во нивните родни места е дел од политиката за рамномерен регионален развој, вклучувајќи и развој на регионите од источна Македонија. Во тој контекст, во тек на реализација се уште неколку други значајни проекти, како што се изградбата на слободната економска зона „Штип“, карго-аеродромот во околината на Штип, изградбата на хидро-мелиоративниот систем „Злетовица“, а набрзо ќе започне интензивна изградба на регионалната и локалната патна инфраструктура. Овие инвестиции, заедно со инвестициите во образованието, ќе дадат значаен импулс за подинамичен економски развој на источна Македонија и ќе овозможат отворање на нови работни места.
Пред само неколку месеци, во разговор, еден млад човек од Струмица умно ми укажа дека Струмица не е позната само по добро земјоделство. Струмица има и одлични математичари и бизнисмени. Оттаму и дојде идејата за отворање на два нови факултети во овој град, токму за информатичка технологија и економски науки. Идеја што се покажа целосно оправдана, со оглед на големиот одѕив на младите струмичани и интересот за овие студии.
Нема поголема сатисфакција за еден политичар (барем за оние што се поинакви политичари) кога една добра идеја, произлезена од контактите со граѓаните, ќе се реализира на брз и ефикасен начин и притоа ќе им овозможи на 220 млади граѓани да ја зграпчат сопствената иднина во свои раце. Сите ние, Владата, родителите, студентите, професорите, сме одговорни пред себе, пред семејството и околината, да ги почитуваме потребите за континуирано образование и унапредување. Само така можеме активно да влијаеме на подобрување на сопствениот квалитет на живеење, како и на развојот на Република Македонија.
Зоран Ставрески