Потпишани се договори за изградба на две катни гаражи во централното градско подрачје. За две години треба да се изгради катна гаража кај Судска палата, чиј инвеститор е Општина Центар, а другата е катната гаража со фасада во барок стил кај зградата на МЕПСО која ја гради Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор.
 
Договорите беа потпишани денеска меѓу Општина Центар и НЛБ Тутунска, а другиот меѓу Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор и Стопанска Банка и Комерцијална Банка. Договорите се потпишаа во Министерството за финансии, кое пак претставува посредник да се постигне договор меѓу двете страни.
 
– Потпишувањето на договорите покажува дека домашниот банкарски систем останува активен во поддршка на економскиот развој на Македонија, а во овој случај се работи за локален економски развој, рече на потпишувањето вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
 
Тој истакна дека во двата случаја станува збор за професионални проекти со кои ќе се реши прашањето за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните и додаде дека со добар договор и добар проект може да се добијат средства од банките.
 
Катната гаража кај Судска палата, како што рече градоначалникот на општина Центар Владимир Тодоровиќ, ќе има 500 паркинг места, а треба да го растовари метежот кој настанува во овој дел од градот. Проектот е вреден 5 милиони евра, од кои 2,5 милиони евра се кредит од НЛБ Тутунска банка, а останатиот дел се очекува да биде финансиран од продажбата на деловниот простор.
 
Катната каража кај МЕПСО, како што рече директорот на ЈПССДП Владимир Бахчовански, ќе биде висока 29 метри, со 350 паркинг места и 1.300 метри квадратни административен простор. Се очекува да почне со градба во средината на март следната година.
 
Условите под кој е земен кредитот од НЛБ Тутунска се 10 години рок на отплата со каматна стапка од еуролибор плус 5,1 отсто.
 
Директорот на НЛБ Тутунска Љубе Раевски рече дека ова е втор договор што банката го потпишува со локалната самоуправа и оти претставува охрабрување и за другите општини доколку имаат интересни проекти.
 
Тој вели дека се отворени за соработка со локалната самоуправа.
 
Директорот на Стопанска банка Глигор Бишев истакна дека ова е еден од проектите што е одобрен и оти до нив се доставени повеќе проекти од локалната самоуправа кои треба да се разгледаат.
 
Катната гаража кај МЕПСО е проценета на 6 милиони евра од кои 30 отсто финансира Јавното претпријатие, а 70 отсто се со кредитот од Стопанска и Комерцијална банка.(МИА)