Услугите на македонските општини кои се во втора фаза на децентрализација ќе се подобруваат преку проекти што ќе бидат финансирани со заем од Светската банка во износ од 18,9 милиони евра. Договорот за заем за  Проектот за подобрување на општинските услуги го потпишаа денеска   македонскиот министер за финансии Трајко Славески и постојаниот претставник на Канцеларијата на Светската банка во Скопје, Маркус Репник.

&nbsp

Проектот е дел од четиригодишната Стратегија на Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка за партнерство со Македонија за периодот 2007-2010.
Основна цел на проектот е преку финансирање по пат на задолжување со препозајмување на средствата на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, јавните претпријатија кои се основани од општините, општините во градот Скопје и градот Скопје,  да се овозможи реализирање на општински проекти кои ќе придонесат кон подобрување на перформансите на општината, квалитетот на комуналните и другите општински услуги, како и развиток и зајакнување на општински надлежности и функции, соопшти Министерството за финансии.

&nbsp

Со Проектот ќе бидат опфатени општини кои се во втората фаза од фискалната децентрализација и кои ги исполнуваат условите за долгорочно задолжување. За регулирање на обврските кои ќе произлезат од препозајмувањето на средствата од заемот, Министерството за финансии ќе склучува посебни поддоговори за заем со корисниците на средствата од заемот – општина и/или јавно претпријатие.

&nbsp

Секоја општина која ќе ги исполни критериумите за добивање заем,  ќе може да добие и неповратни грант средства, во максимален износ од 20  проценти од износот на добиениот заем. Неповратните средства во вид на грант ќе можат да се користат откако општината ќе исполни соодветни услови и критериуми кои се договорени со Светската банка со кои ќе докаже дека го подобрила своето работење и ќе се користат исклучиво за инвестициски активности.

&nbsp

Според Министерството за финансии, со Проектот за подобрување на општинските услуги може да се финансираат проекти за водоснабдување, управување со цврст отпад и останати инвестиции кои генерираат приходи или носат заштеди во трошоците: финансирање градежни работи, опрема и соодветни консултантски услуги за надградба/проширување на останатите услуги или објекти за кои се надлежни општините, јавни згради, урбани транспортни системи и слично за да се намали потрошувачката на енергија или на друг начин да се зголеми ефикасноста.(МИА)

Comments are closed.