Скопје 14 март 2015 (МИА) – Во кумановското село Клечовце денес почна изградбата на магистралниот гасовод, делница Клечовце – Блок станица 5, дел од проектот за изградба на Националниот гасоводен систем во Македонија. Првиот дел од гасоводот во должина од 61 километар ќе го гради руската компанија „Стројтрансгас“. Вредноста на инвестицијата изнесува 75,7 милиони долари, од кои 60 милиони произлегуваат од подмирувањето на клириншкиот долг.
Плановите и заложбите на Владата се гасификацијата на градовите да почне следната година, а до 2022 година да биде изградена комплетна гасоводна мрежа на целата територија на државата.
На почетокот на градежните работи присуствуваа премиерот Никола Груевски, вицепремиерот Зоран Ставрески, министерот за транспорт Миле Јанакиески, директорите на Македонските енергетски ресурси и на Стројтрансгас, Крсте Миладинов и Олег Ширгејев, како и амбасадорот на Руската федерација Олег Шчербак.
Изградбата на гасоводот, според владините претставници, е од големо значење за Македонија, бидејќи ќе овозможи гасот да биде достапен насекаде низ државата за граѓаните, компаниите… – Она што долги години се зборуваше, она што од многумина се ветуваше, денес почнува да станува реалност, истакна Груевски. Изминатите години, потенцира, макотрпно работевме да дојдеме до почетокот за изградба на гасоводот.
– Оваа делница е прва за изградба, затоа што ќе овозможи натамошен продор и ширење на целата гасоводна мрежа низ државата. Според планираното, ќе бидат поврзани сите поголеми места со што гасот ќе стане достапен насекаде низ државата. Следните делници кои планираме да се градат се од Штип до Кавадарци преку Прилеп до Битола и Охрид, од Штип до Радовиш-Струмица-Гевгелија сè до границата со Грција, од Струмица преку Ново Село до границата со Бугарија, како и од Скопје-Тетово-Гостивар преку Кичево-Струга до Ќафасан и границата со Албанија, истакна Груевски.
Со изградбата на гасоводот, нагласи, Македонија добива пристап до стратешки ресурси поради што бенефитот е многукратен. – Најважно од сè е придобивката која ќе ја имаат граѓаните. Можноста да се користи гас во домаќинствата ќе значи помали сметки за струја и греење, што директно ќе се одрази на буџетот на граѓаните. Придобивки ќе има и економијата. Употребата на поевтин енергенс ќе значи поголем профит за компаниите, поголема конкурентност на домашниот производ, подобри услови за водење бизнис, а тоа ќе допринесе и за нови работни места во државата, истакна Груевски.
Користењето на гасот позитивно ќе влијае и во производството на електрична енергија од страна на државните електрани. – Нивната модернизација и адаптација ќе значи намалување на трошоците за производство и подобрување на еколошкиот аспект од нивната работа. Со тоа Македонија ќе добие поевтина и еколошки поприфатлива алтернатива на мазутот и сличните енергенси кои се употребуваат во моментот, рече Груевски.
Капиталните инвестиции, како што се изградбата на гасоводот, автопатите, железницата, аеродромите, ТИР зоните, новите фабрики, хидроцентралите, училиштата, булеварите, спортските сали…, според Груевски, се големи проекти и конкретни дела, резултат на посветената работа и труд на Владата.
Трасата на новиот гасовод од Клечовце, според проектот, треба да биде приклучок на постојниот гасовод Крива Паланка – Скопје. Оттаму ќе се движи кон Свети Николе, кое ќе биде заобиколено, а предвидено е да има приклучно место за крак кон градот, како и кон Велес. Понатаму гасоводот ќе поминува во близина на индустриската зона во Штип. За останатиот дел од трасата, до Неготино и Кавадарци, треба да се обезбедат дополнителни финансии. Освен Штип, со гасовод треба да бидат поврзани и Кавадарци, Прилеп, Битола, Тетово и Гостивар. Предвидено е гасоводот да се поврзе и со термоелектраната „Неготино“, која од мазут ќе почне да функционира на гас.
Изградбата на националниот гасовод е прва фаза од проектот за гасификација на Македонија. Втора фаза е изградба на дистрибутивна мрежа, која треба гасот да го однесе до општините. – За регионот на Скопје постапката е во завршна фаза и во најскоро време очекувам да се избере компанијата која ќе ја гради дистрибутивната гасоводна мрежа низ Скопје. Во тек е и постапката за избор на компанија која ќе ја гради секундарната мрежа и во останатите региони низ државата, посочи премиерот Груевски.
Патот за почетокот на реализацијата на овој проект, нагласи вицепремиерот Ставрески, не бил ниту лесен, ниту краток, туку долг и тежок, со многу предизвици. Но тоа го прави задоволството поголемо, а го прави и настанот со поголемо значење, рече Ставрески укажувајќи дека во реализацијата на проектот е вложен труд на многу луѓе. На тој пат, посочи, претрпевме многу критики и многу навреди, дел од нив можеби заслужени, поголем дел незаслужени, но тоа ни помогна, ни даде сила и верба дека сме на вистинскиот пат.
Ветувањето дадено во владината програма, како што нагласи министерот Јанакиески, денес почнува да се реализира, а крајната цел е гасификација на цела држава. – Во изминатите неколку години вложивме многу труд за денес да можеме да почнеме со гасификација на нашата земја. Напорно работиме и во делот на секундарната гасоводна мрежа. Ако сè биде како што треба и добиеме соодветни понуди, нашата заложба е гасификацијата на градовите да почне во 2016 година, а до 2022 година да имаме изградено комплетна гасоводна мрежа на целата територија на Македонија, рече Јанакиески.
Со реализацијата на овој проект, според директорот на МЕР, се отвора нова ера во енергетскиот сектор во Македонија, кој ќе го подобри квалитетот на живеење на секој граѓанин. – Несомнено е колкави придобивки ќе донесе. Пониски сметки во домовите, природниот гас како конкурентен енергенс е придобивка на целокупното стопанство, ќе обезбеди стабилност во снабдувањето со енергија на државата, заштита на околината, а со ова ќе се раздвижи и градежната оператива. Ќе овозможи нови вработувања при изградбата на магистралните гасоводи и дистрибутивните мрежи, а потоа и вработувања потребни за нивната експлоатација и одржување, рече Миладинов.
Според директорот на „Стројтрансгас“, изградбата на првата делница на гасоводот ќе биде само дел од огромниот проект за изградба на гасоводна мрежа во Република Македонија. – Проект кој ќе ја донесе енергијата во секое домаќинство и ќе им овозможи на граѓаните да живеат во подобри услови, оцени Ширгејев и истакна дека тоа ќе овозможи развој и зацврстување на економските деловни и политички односи меѓу Македонија и Русија.
Рускиот амбасадор во Македонија Шчербак смета дека успешното завршување на проектот ќе игра многу значајна улога во натамошното социјално и економско унапредување на Република Македонија, решавање на еколошките и други проблеми. Тоа, потенцира, ќе даде дополнителен поттик во зголемување на нејзините енергетски, индустриски и инвестициски потенцијали, како и кон плодна и заемна корисна соработка меѓу руски и македонски компании.