Граѓаните и фирмите од 3 април 2010 година во деловните банки ќе можат да ги подигнат средствата од 17- та рата од обврзницата за старо девизно штедење.
 
Како што се наведува во соопштението, во текот на вчерашниот ден Министерството за финансии исплати 1.447.273.827 денари на сметките на сопствениците на овие обврзници. За физичките лица исплатени се 1.284.249.100 денари, додека за правните исплатени се 163.024.726 денари.
 
Оние сопственици кои поседуваат обврзници за старо девизно штедење, а се уште немаат посочено банкарска сметка потребно е да се обратат до една од деловните банки на Република Македонија и да ја пополнат потребната документација.
 
До крајот на 2010 година ќе биде исплатена и 18 – та рата од оваа обврзница, додека заклучно со 2011 година ќе бидат исплатени и последните две рати, со што целосно ќе бидат обештетени оние граѓани и правни лица чии девизни заштеди беа заробени на сметките на деловните банки при распадот на поранешна СФРЈ.
 
Со исплатата на овие средства Министерството за финансии остана доследно во определбата за редовно и навремено сервисирање на сите свои обврски што води кон подобрување на ликвидноста на стопанството и граѓаните, стои во соопштението.(МИА)