Нижни Новогород, 2 јули 2012 (МИА) – Почнува реализација на проектот за гасификација на Македонија вреден 300 милиони евра. Руската компанија „Стројтранс гас“ и Македонски енергетски ресурски денеска во рамки на Меѓувладината македонско-руска комисија потпишаа Меморандум за соработка кој е првиот сериозен чекор кон изградба на националната гасоводна мрежа во земјава. Договорот треба да се потпише најдоцна за неколку месеци, по што ќе почнат и работите на терен, јави известувачот на МИА.
– Ова претставува круна на напорите што досега ги вложивме во рамките на Меѓувладината комисија и Спогодбата за регулирање на клириншкиот долг на Русија кон Македонија со кој ќе се реализира овој проект и последната посета на премиерот Никола Груевски и средбата што тој ја имаше со претседателот Владимир Путин во Санкт Петербург минатата недела, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и копретседател на Мешовитата комисија по потпишувањето на меморандумот.
Според него, со ова се операционализираат договорите постигнати во рамките на средбите на Мешовитата комисија. – Очекувам со оваа спогодба да се утврди временската рамка во која што ќе се усогласат сите технички и други детали за да може за неколку месеци од денеска да почне реализацијата на проектот за гасификација, однодно да се потпише и договорот со кој целосно ќе се реализира овој проект. Двете страни имаат најмногу месец-два да ги финализираат работите на своја страна и најмногу за три-четири месеци да се почне реализацијата на проектот, рече Ставрески.
Почнувањето на израдбата на објектите за неколу месеци го потврди и Максим Александрович – Травников, заменик-министер за регионален развој и копретседател на Мешовитата комисија. Тој посочи дека за неколку месеци ќе почне со изградба на објектите и конкретна достава на гас на целата територија на Македонија.
– Вредноста на проектот е 75 милиони долари, од кои 60 милиони се од договорениот клириншки долг на Русија кон Макдонија и 15 милиони долари се обезбедени од буџетот на Република Македонија со цел, како што истакна Ставрески, да се заокружи финансиската конструкција на овој дел. Понтаму, појасни, проектот за целосната гасификација на Македонија е 300 милиони долари и таа ќе се одвива по фази согласно разговорите што се водат со Европската банка од каде министерот очекува дополнителни средства.
Владата, како што истакна министерот за траспорт и врски Миле Јанакиески, е целосно подготвена за изготвување на проекти, а денешниот меморандум овозможува уште во текот на овој месец да се почне со постапка за експропријација и добивање одобрение за градба.
Изградбата на гасоводната мрежа во Македонија е значајна и за граѓаните и за стопанството. Засега грасоводна мрежа има од бугарската граница преку Куманово до Скопје.
Потпишувањето на меморандумот со „Стројтранс гас“ беше договорено на средба на премиерот Никола Груевски за време на посетата на Русија минатата недела, кога беше договорено и приклучување на Македонија во проектот „Јужен поток“.
Потпишувањето на меморандумот е во рамки на 6. седница на Меѓувладината руско-македонска комисија за трговско-економска и научно техничка соаботка која денеска и утре се одржува во Нижни Новогород во рамки на која се разгледуваат перспективите за развој на трговско-економската соработка меѓу Македонија и Русија.