Скопје, 22 јануари 2013 (МИА) – Досега 110 граѓани добија субвенциониран станбен кредит, преку проектот „Купи куќа- купи стан“, при што се доделени 640 илјади евра субвенции од Владата, информираат од Министерството за финансии. Најмногу, 10.048 евра субвенции добиле граѓаните кои зеле субвенциониран станбен кредит во висина од 50 илјади евра, преку моделот „Половина рата“.

 

Од Министерството за финансии објаснуваат дека во овој случај, првите три години месечната рата е 329 евра, од кои 164 евра ги плаќа граѓанинот кој го зел кредитот, а останатите 164,5 евра ги плаќа Владата. Во наредните две години, пак, месечната рата изнесува 343,91 евро, при што Владата обезбедува 171,95 евра од ратата.

 

Весна Атанасоска, која во јуни  доби субвенциониран станбен кредит, вели дека благодарејќи на овој проект се решила да земе свој стан, наместо секој месец да плаќа 200 евра за кирија.

 

– Ова е невидена помош. Јас секој месец плаќам само 7.500 денари, а останатите 7.500 од месечната рата ми ги отплаќа Владата. Седумнаесет години живеев под кирија и давав 200 евра, што се повеќе од 40 илјади евра. Конечно по 17 години, благодарејќи на овој проект, се решив да земам сопствен стан, а со помошта која ми ја дава Владата ми остануваат пари и за сметки и за опремување на станот и за останати потреби, вели Атанасоска, самохрана мајка на две деца.

 

Дополнителни заштеди граѓаните добиваат и преку каматите, при што заштедата е од две илјади до три илјади евра. Моментно каматата што ја нудат банките за станбен кредит изнесува просечно од 6,2 проценти до 6,5 проценти за првите три години, и од 7,5 проценти до 8,05 проценти за останатиот дел од периодот на отплата, додека каматите на субвенционираниот станбен кредит се фиксни за првите пет години и тоа 4,99 проценти за првите три години и 5,49 проценти за четвртата и петтата година.

 

Глигор Бишев, директор на Стопанска банка, оценува дека доброто во овој проект е што и по петтата година каматите за субвенционираните кредити ќе останат најниски на пазарот. – Стопанска банка ќе продолжи и оваа година да биде вклучена во проектот. Каматните стапки за првите пет години се гарантирани, и тоа во првите три години изнесуваат 4,99 проценти, а во четвртата и петтата година 5,49 проценти. По петтата година, на кое ниво ќе бидат утврдени каматните стапки ќе зависи од движењето на еуриборот. Но, имајќи предвид дека Европската Централна банка најавува дека каматните стапки ќе останат на сегашното ниво, како и очекувањето дека овие кредити редовно ќе се враќаат бидејќи станува збор за купување прв стан, очекуваме и по петтата година, каматните стапки да бидат поповолни во однос на оние за останатите редовни кредити, појаснува Бишев.

 

Владата годинава објави нови јавни повици преку кои граѓаните ќе можат да аплицираат за субвенционирани станбени кредити до 31 мај.

 

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.