2 септември 2020, Скопје – Приходите во Буџетот во август изнесуваат 14,2 милијарди денари што е помалку за 13,9% во однос на лани. Кумулативно, од почетокот на годината приходите изнесуваат 119,6 милијарди денари и се на пониско ниво за 8,2% во однос на минатата година, што е пак благо подобрување во однос на првото полугодие кога кумулативно приходите беа пониски за 9% во однос на лани.

Во август даночните приходи се пониски за 17,1% во однос на претходната година, додека кај придонесите се забележува пад од 2,7%. Кај даночните приходи има потфрлање на месечно ниво и тоа кај ДДВ од 14,3%, кај акцизите од 25%, кај данокот на добивка од 28,9% и кај персоналниот данок на доход од 10,4%, додека кај увозните давачки се забележува раст од 7,9%.

Расходите во август изнесуваат 17 милијарди денари и се за 5,8% повисоки во однос на лани.

Кумулативно, буџетските приходи заклучно со август имаат пад од 8,2% што се должи на падот на даночните приходи од 12,1%. Кумулативно, од почетокот на годината се забележува раст на придонесите од 7,1%. Од јануари годинава заклучно со август има послаба наплата кај скоро сите даноци освен кај увозните давачки каде што растот изнесува 7%. Кај данокот на додадена вредност се забележува кумулативен пад од 13,6%.

Вкупните расходи, пак, заклучно со август изнесуваат 154,5 милијарди денари и се за 11% повисоки во однос на претходната година, при што тековните расходи се повисоки за 11,2%, додека капиталните за 5,9%. Во овие осум месеци реализиран е дефицит од 34,9 милијарди денари или 75,7% од проектираниот со ребалансот на Буџетот.

Министерството за финансии, во духот на транспарентното известување за состојбите во Буџетот, продолжува однапред, на почетокот на месецот или 25 дена пред Календарот за објава, да ги објавува податоците за извршување на Буџетот на месечно ниво.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Comments are closed.