Владата го продолжи рокот за поднесување барања за откуп на дворното место по едно евро за метар квадратен до 31 декември 2012 година.
 
Како што изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, Владата го оценила проектот како успешен и денеска на седница одлучи да го продолжи рокот во кој барање ќе можат да поднесат граѓаните кои не успеале тоа да го направат до 27 јануари годинава.
 
– Владата на денешната седница го разгледа извештајот за оценките и резултатите од мерката „Откуп на дворното земјиште од едно евро за метар квадратен“ и констатираше дека проектот е исклучително успешен и еден од најмасовните проекти што се реализираа во овие 20 години во Република Македонија со најголемо учество на граѓаните. Над 100.000 граѓани и 1.776 фирми покажаа интерес и поднесоа барање за откуп на земјиштето, изјави министерот Ставрески, додавајќи дека тоа покажува дека и во тој дел предлогот и мерката на Владата беше добро дизјанирана.
 
Анализата, посочи, покажала дека одреден број граѓани не успеаја да поднесат барање поради недоволна информираност, како и непостоењето детални урбанистички планови и дека тоа ќе може да го направат во дополнителниот рок.
 
Министерството за финансии и Управата за имотно-правни работи оценуваат дека овој дополнителен рок ќе биде доволен за сите граѓани и фирми да можат да поднесат барање за откуп на дворното место.
 
Одговарајќи на новинарско прашање за интервенција на стоковите резерви, Ставрески рече дека досега немало таква точка на дневен ред на седницата.
 
– Владата, внимателно ја следи ситуацијата и доколку оцени дека има потреба ќе има дискусија на таа тема. Ги имаме податоците како и колку би можела државата да интервенира доколку има потреба за тоа, рече министерот Ставрески.
 
На денеска одржаната аукција на државни записи, како што информира, запишани се 2,3 милијарди денари што е нешто помалку од државните записи што доспеваат, а кои се во износ од 2,6 милијарди денари.
 
– Министерството за финансии продолжува со политиката на намалување на износот на запишани државни записи и оставање повеќе пари за стопанството и банките, рече Ставрески и додаде дека и каматната стапка е дополнително намалена на 4,1 отсто.
 
Одговарајќи на новинарско прашање за владината мерка за увоз на автомобили од САД, рече дека мерката наскоро ќе почне да се применува по нејзино објавување во Службен весник, а целта е да овозможи дополнително да се овозможи одреден број граѓани на поединечна основа да можат да увезат возило произведено во САД.
 
– Владата со сите мерки што ги дизајнира настојува да реализира политики што се во функција на подобрување на економскиот стандард на граѓаните и една таква можност е да се дозволи купување возило на амерканскиот пазар, каде цените се поповолни од европскиот. Таа можност се дава со исполнување на одредени стандарди во делот на емисијата на издувни гасови и заштита на животната средина, изјави министерот Ставрески.
 
Тој истакна дека со оглед на тоа што американскиот пазар на автомобили е доста софистициран ќе дојде до увоз на возила кои ги задоволуваат сите стандарди како и европските возила.(МИА)