Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески заедно со министрите за транспорт и врски и за земјоделство, шумарство и водостопанство, Миле Јанакиески и Љупчо Димовски, денеска во селото Црничани, општина Дојран, свечено пушти во употреба дел од локалниот пат Црничани – Богданци.

&nbsp

Делницата во должина од 1,75 километар и ширина од 5 метри, чија изградба чинеше 135 илјади евра, е реализирана со средства од кредитот на Светска банка во износ од 120 милиони евра за изградба на локалната патна инфраструктура во Македонија, а нејзината доизградба треба да се дореализира со средствата од новата кредитна линија на ЕБОР.

&nbsp

– Дојран е една од општините во Република Македонија која има услови да биде една од најразвиените, но долги години беше запоставувана и не го оствари својот развој. Сега тоа не е случај и се прават напори да се подобрат економските услови во општината, рече вицепремиерот Ставрески во поздравниот говор.

&nbsp

Тој истакна дека дел од напорите да се подобрат економските услови во општина Дојран е изградбата на бунари, пешачка патека околу Езерото, спортски игралишта, но секако и изградбата на добри патишта кои ќе ја поврзуваат општината и ќе го поддржат локалниот економски развој.

&nbsp

Вицепремиерот вети пуштањето во употреба на локалниот пат кај Црничани нема да биде последната инвестиција во патната инфраструктура и оти Владата ќе продолжи со реконструкцијата и изградбата на локалните патишта во општината.

&nbsp

Министерот за транспорт и врски Јанакиески истакна дека подобрувањето на патната инфраструктура е еден од главните приоритети на Владата на Република Македонија.

&nbsp

– Покрај овој регионален пат, во јуни во општина Дојран ќе биде пуштен во употреба и регионалниот пат до Стар Дојран, а се очекува пред почетокот на сезоната да биде готова и пешачката патека околу Дојранското Езеро. Има и ветувања од концесионерите дека ќе бидат доуредени и плажите во Дојран, рече министерот Јанакиески, нагласувајќи дека тоа ќе придонесе за развој на туризмот.

&nbsp

Тој вети дека заедно со Општина Дојран, Владата ќе реализира и други проекти кои ќе придонесат за подобрување на животот на граѓаните на општината.

&nbsp

Градоначалникот на Општина Дојран Глигор Чабулев нагласи дека подобрувањето на локалната инфраструктура е еден од основите за развој на општината.

&nbsp

– Со локалниот пат се намалува растојанието до соседните населби и општината Дојран, а тоа се надеваме ќе придонесе за забрзан развој на општината, рече Чабулев.(МИА)

Comments are closed.