Република Македонија ја задржа високата позиција од минатата година – рангирана е на 38. место во споредба со 36-то лани кога имаше скок од преку триесет места, што е потврда дека условите за водење на бизнис во Македонија се сметаат за исклучително добри и најдобри во регионот, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески коментирајќи го Извештајот „Doing Business 2011“ на Светска банка.
 
– Македонија е најдобра во Европа, а петта во светот според условите за започнување на бизнис. Оваа година е на петто место во светот и според реформите направени за олеснување на плаќањето даноци и висината на даночната стапка, на 20. место е според заштитата на инвеститорите, а најслабо е рангирани во делот на затворањето на бизнисите, истакна Ставрески, изразувајќи задоволство што Македонија е рангирана на 38. место меѓу 183 земји во светот.
 
Тој посочи дека Република Македонија е рангирана подобро од сите земји во регионот.
 
– Словенија е зад нас на 42, Бугарија на 51, Србија на 89, Хрватска на 84, Грција 109, што претставува потврда дека најреномираниот извештај во светот ја рангира Република Македонија на високо место и тоа го следат сите инвеститори. Тоа претставува уште еден добар сигнал по неодамнешното подобрување на рејтингот од страна на Фич, во насока на позиционирање на земјата на светската мапа на инвеститорите, потенцира вицепремиерот и министер за финансии.(МИА)