Скопје, 28 декември 2012 (МИА) – Собранието на РМ попладнево го донесе Законот за задолжување на Република Македонија со заем кај Дојче банка по Договорот за заем обезбеден со гаранција заснована на политики од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка, по скратена постапка.

Целта на заемот е да се обезбедат средства за финансирање на буџетските потреби во 2013 година. Неколку банки доставиле понуди за финансирање, а Дојче банк е избрана зашто имала најповолна понуда што овозможува задолжување по значително пониска каматна стапка.
Заемот е во износ од 250 милиони евра, со гаранција од Светска банка во износ од 155 милиони евра. Рокот на отплата е седум години и на две рати – првата во износ од 95 милиони евра ќе биде отплатена на денот на достасување, т.е 5 години од денот на повлекување на средствата на заемот, а втората рата во износ од 155 милиони евра ќе биде отплатена на денот на достасување, кој паѓа 7 години од денот на повлекување на средствата.

Заемот е со фиксна каматна стапка која ќе се утврди два дена пред денот на повлекување на средствата од заемот.
Собранието во рамки на 51-вата седница ги донесе и измените на Царинскиот закон и на Законот за игрите на среќа и забавните игри.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески рече дека причина за измената на Царинскиот закон е одложување на примената на предлог одредбите на законот кои се однесуваат на влезната и излезната збирна декларација.

– Имплементацијата на овој проект беше директно поврзана со ставањето во функција на новиот систем за обработака на царинските декларации и акцизни документи, чија имплементација е во тек. Предложено е за една година да се помести рокот, меѓутоа ако побрзо се заврши имплементацијата на новиот систем за обработка на царинските декларации и акцизни документи, тогаш и побрзо ќе се овозможи електронското поднесување на електронското аплицирање при влезна и излезна збирна декларација, рече Ставрески.

Законот за игри на среќа и за забавни игри, појасни Ставрески, се изменува за да му се овозможи на трговското друштво за приредување на игри на среќа, во кое РМ е акционер и содружник со најмалку 51 процент од основната главнина, да ги спроведува електронските игри на среќа преку здружување со соодветен субјект кој ќе ја поседува потребната опрема за приредување на елекронските игри на среќа.

– Оваа измена се прави од причина што приредувањето на електронските игри на среќа бара поголемо вложување на средства односно користење на направена технологија, хардвер, софтвер и слично, и со тоа ангажирање поголеми финансиски средства. Затоа оставаме можност акционерското друштво во кое Република Македонија е акционер со најмалку 51 процент или содружник, да може во партнерство со друго друштво да ги приредува електронските игри на среќа, додаде Ставрески.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.