22 декември 2019, Скопје – Собранието го изгласа Буџетот за 2020 година со 65 гласа „за“. Буџетот за догодина е насочен кон инвестиции во човечкиот капитал, односно вложување во подобро здравство, образование и социјала.
Вкупните приходи за 2020 година се проектирани на 222,3 милијарди денари, а расходите на ниво од 239,7 милијарди денари. Вака планираните приходи и расходи резултираат со намалување на буџетскиот дефицит на ниво од 2,3% од БДП или 17,385 милиони денари во апсолутен износ.
-Овој буџет е фокусиран на инвестициите во човечкиот капитал затоа што како земја, сме исправени пред најголемиот предизвик: како да ги задржиме нашите граѓани во земјата, како да им понудиме подобри услови за живот и како да придонесеме да бидат посреќни и помотивирани на нивните работни места? Ние имаме квалитетни лекари, одлични експерти во својата област, и треба да ги задржиме во земјава да бидат дел од јавното здравство. За да мотивираме дел од квалитетните студенти да работат во просветата, треба да им понудиме пристојни плати. Сакаме да обезбедиме грижа за сите генерации, од најмладите до највозрасните – рече министерката за финансии Нина Ангеловска образложувајќи го буџетот.
Заменик министерката за финансии Ширет Елези на расправата за буџетот истакна дека тој е реален, ги лоцира приоритетите и ги алоцира парите на граѓаните онаму каде што ќе дадат најдобар ефект и резултати.
-За здравствена заштита се планирани средства во износ од 33,7 милијарди денари или за 2,8 милијарди денари повеќе во однос на годинава. Со нив е предвидено зголемување на капитацијата, достапност на лекови во тек на цел месец. Со буџетот за 2020 година, предвидено е покачување на платите од февруари кај специјалистите за 25%, кај општите лекари за 15%, кај сестрите за 10%, додека кај здравствените соработници за 5%. Ова следи по покачувањето на платите за 10% од јануари 2019 година за лекарите и зголемувањето од 5 % во септември 2019 година за сите кадри во здравството, односно трето покачување досега-рече Елези.
Социјалните трансфери се проектирани на износ од 116 милијарди денари. Во текот на 2020 година 60,7 милијарди денари се наменети за исплата на зголемени пензии како соодветно обезбедување на оваа категорија на население. Со буџетот за 2020 година е планирано покачување на пензиите за околу 700 денари, почнувајќи од јануарската пензија. За исплата на паричен надоместок во случај на невработеност за невработените лица планирани се средства во износ од 1,6 милијарди денари.
Капиталните инвестиции се планирани на ниво од 23,8 милијарди денари и се обезбедуваат од буџетски средства, ИПА фондови и заеми. Истите се наменети за интензивирање на реализацијата на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството. Во рамки на ова ниво на капитални инвестиции најзначајно учество имаат квалитетните и продуктивните инвестиции во патна и железничка инфраструктура, комунална и енергетска инфраструктура. На овие инвестиции отпаѓаат околу 36% од вкупните планирани капитални расходи во Буџетот за 2020 година.