Mеѓународниот монетарен фонд – ММФ (www.imf.org) е меѓународна финансиска институција која e креирана да промовира меѓународна соработка, да одржува девизна стабилност, да го унапредува економскиот растеж и високото ниво на вработеност и да обезбедува привремена финансиска поддршка на земјите членки, со цел да го олесни прилагодуавањето на платниот биланс.
Основан во 1945 година, ММФ денес брои 189 земји-членки, кои работат на глобална финансиска кооперација, сигурна финансиска стабилност, олеснување на меѓународната трговија, промоција на вработувањето и на економскиот раст и намалување на корупцијата.
ММФ делува заедно со Меѓународната банка за обнова и развој, со цел воспоставување стабилен систем на меѓународни односи.
ММФ има директор којшто во исто време е и претседател на Управниот одбор. Тој се избира од страна на членовите на Управниот одбор со мандат од 5 години. Управниот одбор се состои од 24 члена и секој од нив претставува една земја или пак група земји.
Петте основни цели на ММФ се:
- промовирање на меѓународната монетарна соработка;
- олеснување на проширувањето и балансиран раст на меѓународната трговија;
- промовирање девизна стабилност
- помош во воспоставувањето мултилатерален систем на плаќања
- обезбедување ресурси на членовите кои имаат потешкотии при плаќање.
Република Северна Македонија е членка на Меѓународниот монетарен фонд од 14 декември 1992 година.