Соработката на Република Северна Македонија со СР Германија датира од 1992 година, а се фокусира пред сè на областите водоснабдување и отстранување отпадни води, наводнување, заштита на човековата околина, унапредување на приватното претприемништво, енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија и демократизација на цивилното општество.
Финансиската соработка како дел од билатералната развојна соработка со Владата на СР Германија ја спроведува KфВ развојната банка (www.kfw.de) со поддршка на Амбасадата на СР Германија во Република Северна Македонија, а техничката соработка во најголем дел ја спроведува Германското друштво за интернационална соработка ГИЗ (www.giz.de).
KфВ развојната банка е дел од групацијата KfW Bankengruppe која е одговорна за финансиска соработка со земјите во развој. Таа обезбедува долгорочен капитал и поттикнува инвестиции во инфраструктурата, финансиските системи и во заштитата на животната средина.
Мисијата на KфВ развојната банка во Република Северна Македонија е промовирање на одржливиот развој, поддршка на транзициониот процес и поддршка за пристапување кон ЕУ.
KфВ нуди поддршка во следните сектори: обезбедување безбедни и висококвалитетни комунални услуги, водоснабдување, отпадни води и цврст отпад, заштита на природата и животната средина, енергетска ефикасност и обновливи енергии и промовирање нови работни места преку развој на приватниот сектор.
Поголем дел од работата на ГИЗ е со овластување на германското Министерство за економска соработка и развој на СР Германија. ГИЗ исто така работи и во име на други германски министерства, а соработува и со владите на други земји, како и со Европската комисија, Обединетите нации и Светската банка.
ГИЗ испраќа експерти кои советодавно соработуваат со македонските владини институции при реформа на даночната политика, регионалниот и комуналниот развој на стопанството или унапредување на извозот. Притоа ГИЗ соработува со Центарот за меѓународна миграција и развој, преку кој дополнително испраќаат квалификувани стручни и раководни лица во Република Северна Македонија кои го пренесуваат своето знаење и искуство во форма на консултантски услуги.