Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA) www.jica.go.jp е независна административна институција која е одговорна за имплементација на Официјалната развојна помош (ODA) на Владата на Јапонија.

Таа обезбедува поддршка на земјите во развој во нивното остварување  одржлив социо-економски развој и промовира меѓународна соработка.

Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA) е основана во 1974 година како владина организација под службена надлежност на Министерството за надворешни работи на Јапонија. На 1.10.2008 година, со одлука на јапонската влада, настанува здружување меѓу Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA) и Секторот за надворешна економска соработка на Јапонската банка за меѓународна соработка (JBIC).

Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA) е одговорна за имплементација на следните категории  Официјална развојна помош:

  • билатерални заеми;
  • билатерална помош со неповратни средствата;
  • билатерална помош – техничка соработка.

Јапонските билатерални заеми, познати како ЈЕН заеми, се доделуваат директно на владите или владините агенции во земјите во развој и се фокусираат на развој на економската и социјалната инфраструктура, патишта, брани, комуникациска инфраструктура и развој на земјоделието, но во последните години може да се користат и за стокови кредити, кои имаат за цел подобрување на платниот биланс.

Во 2003 година, Јапонската банка за меѓународна соработка (JBIC) ѝ одобри јен-заем на Република Македонија во износ од 9,6 милијарди јени (71,7 милиони евра) под поволни финансиски услови. Заемот беше наменет за изградба на хидросистемот „Злетовица“, поконкретно брана со придружни објекти  и објекти за водоснабдување (I фаза). Оваа фаза од проектот е успешно реализирана и браната Кнежево е пуштена во употреба на 26.1.2013 година.

Билатералната помош со неповратни средства (Grant Aid) е наменета за земјите во развој, без обврска за нејзина отплата од страна на крајниот корисник. Целта на оваа помош е поттикнување економски и социјален развој, преку обезбедување објекти и опрема. Ваквиот тип  помош дава приоритет на проектите кои ги задоволуваат основните човечки потреби.

Јапонската техничка помош претставува трансфер на технологија, ориентирана кон информациона и услужна поддршка, чија цел е да овозможи институционална надградба на земјите во развој. Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA) обезбедува најсеопфатна техничка помош целосно финансирана на грант основа: подготовка на Студија за изводливост, Специјална помош за подготовка на проект (за подобрување на Студијата за изводливост или за подобрување на Студијата за влијанието врз животната средина) и други документи.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Comments are closed.