Демир Капија, 8 септември 2012 (МИА) – Со поставување камен темелник денеска почна изградбата на автопатската делница Демир Капија-Смоквица во должина од 28 километри. Со изградбата која треба да заврши во 2016 година треба да се комплетира главната оска од Коридорот 10 кој поминува низ Република Македонија и во целосна должина од 1.451 километар.

 

Вкупната инвестиција за изградба на оваа делница е 257 милиони евра од кои 130 милиони се од Европската инвестициска банка, 45 се ИПА гранд од ЕУ, 170 милиони од Европската банка за обнова и развој и шест милиони евра се од Буџетот на Република Македонија.

 

Демир Капија – Смоквица ќе биде автопатско решение со по две ленти, секоја од нив со ширина од 3,5 метри. Планирано е да бидат изградени два тунела во должина од 1.200 метри, по еден во двата правци, како и шест мостови од кои најголемиот во должина од околу 660 метри кој воедно ќе биде и најголемиот мост во државата. Предвидени се и две клучки кон населеното место Миравци и Смоквица.

 

На поставувањето камен темелник присуствуваа премиерот Никола Груевски, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставревски, вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, евроамбасадорот Аиво Орав, министри, градоначалници и претставници на дипломатскиот кор.

 

Обракајќи се пред присутните премиерот Груевски рече дека токму на овој ден роденденот на Република Македонија лани била пуштена во употреба новоизградената автопатна делница Табановце-Куманово со што Република Македонија се поврзала со автопат со својата северна граница со Србија.

 

– Ние ветуваме и остваруваме. Ние ветуваме и реализираме големи дела и големи проекти. Онака како што ветивме така и реализираме. Владата успеа да обезбеди 257 милиони евра и со овој камен темелник влегуваме во една од највисоките ако не и највисока инфраструктурна инвестиција во последните 20 години. Станува збор за најмодерна автопатна делница со два тунели, шест мостови, пет надпатници, седум подпатници и две клучки, посочи Груевски.

 

Токму затоа како што истакна премиерот во изминатите години се изградија, се реконструираа и се градат 390 километри регионални патишта и над 250 поединечни локални патишта. Градевме пред светската економска криза, нагласи Груевски, градевме во екот на светската економска криза и ќе градиме и во иднина.

 

Вицепремиерот Ставрески истакна дека генерациите што денеска живеат во Македонија треба да работат за неа, за нас но и за поколенијата.

 

– Дали може да има друго место за еден Македонец освен Македонија, во преписка Гоце Делчев му се обраќа на Даме Груев „Дали има некаде пошироко поле за работа отколку во Македонија“. Ете, во овие зборови во зборовите на еден од најголемите македонски великани, дејци, идеолози ја наоѓам насоката и патот по кој треба да одиме. Денеска ја продолжуваме визијата на Гоце, да се работи, да се гради, да се создаде нова вредност и да се остави наследство на идните генерации. Градители – тоа е нашата определба, рече Ставрески.

 

Според вицепремиерот и министер за финансии Коридорот 10 е најзначајната инфраструктурна артерија во нашата земја поврзувајќи не на север со Европа и со Солунското пристаниште на југ. Ставрески истакна дека овој Коридор ја подобрува геостратешки добрата позиција на Македонија и атрактивноста за инвестирање и водење бизнис во земјата.

 

– Коридорот 10 директно ја поврзува земјава со четири од топ 10-те трговски партнери на Македонија. Дури 70 отсто од увозот и извозот се одвива долж Коридорот. Зборуваме за повеќе милијарди евра годишно кои ќе транзицираат по овој патен правец. Со комплетирање на патниот дел на Коридорот 10 значително ќе се скрати времето за транспорт. Изградбата на овој автопат во следните четири години ќе донесе можност за работа на локалното население и бизнис. По четири години ќе имаме модерен автопат кој ќе отвори можности на национално и регионално ниво, нагласи Ставрески.

 

Евроамбасадорот Аиво Орав потенцираше дека ова е најголемиот проект кој моментно го финансира ЕУ и според него, автопатот ќе помогне во подобрувањето на регионалната интеграција, ќе го намали времето на патување и ќе ја подобри безбедноста на патот.

 

– Со изградбата на делницата ќе добиеме значително полесен извоз на земјоделски производи како и поефтин, побезбеден и побрз транспорт, рече вицепремиерот Пешевски обракајќи се пред присутните.

 

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески смета дека станува збор за исклучително значаен настан со кој во целост ќе се комлетира Коридорот 10 и нивната визија за здрава инфраструктура ќе стане реалност.

 

– Денешниот настан е од огормно значење за економскиот раст и патната инфраструктура. Новата делница до населеното место Смоквица ќе се поврзе со автопатот кој оди до Гевгелија. Делницата Табановце-Куманово ја завршивме лани, а во тек се активности на делницата Катланово-Велес, информираше Јанакиески.

 

Со изградбата на делницата целосно ќе биде заокружена изградбата на Коридорот 10 на ниво на автопат. Коридорот 10 е најзначаен елемент на централната транспортна мрежа која ги поврзува Република Грција со Австрија.

 

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.