19 јули 2018, Скопје – Со цел борба против даночната евазија и сивата економија, Република Македонија ја потпиша Конвенцијата за заемна административна помош за даночни прашања на ОЕЦД и Советот на Европа. Станува збор за конвенција потпишана од повеќе од 120 држави. Taa овозможува даночна соработка меѓу потписниците преку размена на информации, соработка при наплата на даноци, заеднички даночни контроли и слично.
Конвенцијата претставува глобален инструмент за даночна соработка помеѓу државите и воедно најопширна мултилатералнa конвенција за размена на информации и даночна соработка. Меѓу земјите потписнички се и земјите од Г-20 и земјите членки на ОЕЦД. Од регионот, пак, потписнички на Конвенцијата се Албанија, Бугарија, Хрватска и Словенија.