Партнерството на Македонија со Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и можностите за идна соработка, беа главните теми на синоќешните средби на заменик-претседателот на македонската Влада, Зоран Ставрески и министерот за финансии Трајко Славески со претставници на двете финансиски институции во Ваш
Партнерството на Македонија со Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и можностите за идна соработка, беа главните теми на синоќешните средби на заменик-претседателот на македонската Влада, Зоран Ставрески и министерот за финансии Трајко Славески со претставници на двете финансиски институции во Вашингтон.
На разговорите со потпретседателот на Светската банка за Европа и Централна Азија, Шигео Кацу, со актуелниот и со новоименуваниот извршен директор на Банката, Херман Вијфелс и Руд Треферс и со регионалниот координатор за Југоисточна Европа на Банката, Џејн Армитиџ, се потенцира доброто партнерство што Македонија го има со оваа финансиска институција во изминатиот период, како и помошта што Светската банка и ја дава во делот на подобрување на бизнис климата и инфраструктурата.
Како што изјави Вицепремиерот Ставрески, кој во Вашингтон престојува во својство на претседавач на Генералното собрание на Светската банка и ММФ, на средбите станало збор и за следните проекти на Македонија со Банката.
– На краток рок тука има два нови проекти. Едниот за условени кеш трансфери, практично парични трансфери за социјална помош за најзагрозените категории семејства, под услов да ги праќаат децата во училиште и да имаат редовни здравствени прегледи. Вториот проект ќе биде за поддршка на општините за инвестиции во комуналната инфраструктура, потенцира Ставрески.
Тој нагласи дека истовремено е разговарано и за зголемување на соработката во следниот период во делот на инфраструктурата, при што начелно се договорени околу 30 милиони евра нова поддршка од Светската банка за Македонија во неколку проекти. Веќе е договорна инвестиција од 15 милиони евра за реализација на проектот за изградба на далновод меѓу Македонија и Србија, додека останатиот дел од средствата ќе бидат искористени за изградба на најмалку четири ветерници и за набавка на вагони за Македонските железници.
Македонскиот Вицепремиер најави дека во следниот период ќе уследат и дополнителни разговори за нови проекти, бидејќи до март 2009 година треба да биде утврдена рамката за следни проекти за наредните три години.
Потпретседателот на Светската банка Кацу по средбата изјави дека станало збор за состојбата во која се наоѓа Македонија во време на глобалната економска криза. Тој потенцира дека е разговарано за економската политика, структурните реформи, како и за социјалните програми за сиромашните слоеви, кои се најмногу погодени од кризата. – Се на се мислам дека имаме добар договор за идна соработка, рече Кацу.
На разговорите со извршниот директор на ММФ, Ејџе Бејкер, раководителот на Одделот за Европа и шеф на Мисијата на Фондот во Македонија, Марк Грифитс, како што изјави министерот Славески, станало збор за случувањата поврзани со финансиската криза.
– Тонот на разговорите што ги имаше македонската делегација не се разликува од оние на делегациите на другите земји. Дури за првпат земји што одамна немале аранжмани со ММФ размислуваат за соработка со Фондот, заради околностите предизвикани од финансиската криза, потенцира Славески.
Тој нагласи дека претставниците на ММФ биле информирани дека македонската Влада ги следи состојбите во економиите во регионот и во светот и нивното влијание врз Македонија и дека е подготвена да одговори со соодветни мерки доколку биде потребно.
– Сега имаме намалување на стапката на инфлација, но сепак не треба да се потценуваат секундарните ефекти од финансиската криза во светот и Европа, која сега се префрла во реалниот сектор, потенцира Славески, додавајќи дека доколку во регионот дојде до поголема нестабилност Македонија може да биде дел од еден поголем регионален проект за стабилизирање на економиите.
Тој нагласи дека засега не се размислува за нов аранжман со ММФ, но дека во зависност од тоа како ќе се развива состојбата со финансиската криза во регионот, не се исклучува некоја форма на деловна соработка.