Скопје, 12 декември 2013 (МИА) – Банкарскиот сектор да даде поголема поддршка на приватните фирми, банките се стабилни и ликвидни и нема причина да не дојде до заздравување на кредитната активност, а особено, поголема поддршка треба да дадат неколкуте најголеми банки во земјата, порача вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на денешниот ФИНЕКСПО 2013 година.

– Порастот на кредитите од 4-5 проценти можеби не е доволен, но не е лош за оваа фаза, но еден од проблемите е што најголемите банки се со понизок раст од овој, а растот го генерираат главно средните банки во Македонија. Треба да се преиспитаат политиките на овие неколку најголеми банки и тие да дадат придонес за раст на приватниот сектор, рече Ставрески.

Според него, долгорочно и среднорочно треба да се избалансира економскиот раст со поголемо учество на приватниот сектор.

– Економскиот раст во услови на криза во Европа е таков каков што е, односно базира на глобални инвестиции и извоз од компании што работат во зоните, но долгорочно гледано потребно е поголема поддршка на банките на приватниот сектор, рече Ставрески.

Банкарскиот сектор годинава, како што оцени претседателот на Здружението на банкари при Стопанска комора на Македонија Ѓорѓи Јанчевски, добро се движи, има доволна ликвидност и за поддршка на проектите од фирмите и за купување на државни и благајнички записи.

– Воопшто не штети на кредитирањето на фирмите бидејќи има пари и за двете страни. Државата има една милијарда евра во државни записи и обврзници од кои 582 милиони се на банките. Тоа не пречи на кредитирањето на фирмите бидејќи има доволна ликвидност. Тие се краткорочни средства и може да се пренаменат доколку има добар проект, рече Јанчевски.

Посочи дека од јули има придвижување кај кредитирањето на фирмите. Вкупно кредитите бележат раст од 4 проценти, кај населението растот е 8 проценти, а кај претпријатијата 0,4 проценти.

Јанчевски очекува во следната година да се засили кредитната активност на банките. Смета дека во услови на рецесија не може банките да имаат засилена кредитна активност и оти е потребно циклусот да се сврти и банките понатаму ќе поддржуваат добри проекти.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.