Вкупните приходи во Буџетот во март се исполнети со 100,1 отсто, а даночните со 100,3 проценти. Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески ваквите резултати се во согласност со очекувањата на Владата дека во првите три месеци од годината ќе има добра исполнетост на приходната страна на буџетот.

&nbsp

– Исполнувањето на вкупните приходи е 100,1 отсто во март годинава, а 100,3 проценти е исполнување на даночните приходи. Имаме натфрлање кај даночните приходи за три проценти, што е во согласност на она што беа нашите очекувања дека во првите месеци од годината ќе имаме добра исполнетост на приходната страна, бидејќи и економските резултати, односно индустријата и останатите сектори имаат позитивни резултати. Како што е познато, индустриското производство растеше и останатите сектори имаат добри перформанси, така што очекуваме да немаме никакви проблеми и во текот на останатите месеци од годината, односно Буџетот да се полни и да се користи, да се троши, исто така согласно предвидената динамика и одобрениот буџет од Собранието, изјави министерот Ставрески одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на Конференцијата со која се одбележа почетокот на твининг проектот за поддршка на процесот за фискална децентрализација преку зајакнување на капацитетите за солидно финансиско управување и внатрешна финансиска контрола на локално и централно ниво.

&nbsp

Во врска со инвестициите, рече дека се создадени услови за еден нов инвестициски циклус годинава кој во следните години би се трансформирал во посилен инвестициски циклус. Во таа насока, како што додаде, е потребно да се реализираат и домашни и странски инвестиции.

&nbsp

– Нашите очекувања се дека набрзо ќе дојде до комплетирање на неколку странски инвестиции на кои подолго време се работи и кои се во завршна фаза, а кои ќе бидат значајни и за локалното население таму каде што се работи за инвестиции во внатрешноста на Македонија, а и во индустриската зона Бунарџик, изјави министерот и додаде дека позначајно е да се раздвижи домашниот сектор. Домашните инвеститори, додаде, да имаат добри услови да инвестираат и во таа насока по двете мерки на Владата за продажба на земјиштето по почетна цена од едно евро за метар квадратен и приватизација на земјиштето од страна на постоечките фирми од едно до пет евра по метар квадртатен, се најсилните аргументи за очекувања дека таков инвестициски циклус може да почне оваа година, а секако во полн израз би дошол во следните години.

&nbsp

За дополнителни мерки за стабилизирање на цената на нафтените деривати побарани од нафтените компании, министерот рече дека Владата секогаш има волја да седне со бизнис секторот и да разговара за начините и предлозите за да и се помогне на економијата и да се ублажи ценовниот удар кај нафтата. Но, додаде дека има подобар предлог за дистрибутерите и за „Макпетрол“ и останатите што ги дале предлозите, да ја намалат нивната маржа за 1,5 денар и со тоа да ги помогнат граѓаните. Нивната маржа, како што рече министерот, е 3,2 денари на секој литар.

&nbsp

– Сметам дека мерката на Владата со 4,5 денари, какво и да е движењето на цената на нафтата, значи за 4,5 денари по литар граѓаните ќе плаќаат помалку. Ако на светските берзи доаѓа до покачување на цената со мерката на Владата кај нас тоа покачување ќе биде помало за 4,5 денари и тие секогаш ќе завршуваат во корист на граѓаните и на фирмите, изјави министерот Ставрески.
Во однос на тоа дали ќе интервенира Владата кај мазутот, Ставрески рече дека е интервенирано секаде каде што било можно. – Интервениравме секаде каде можевме и со онолку средства колку што е можно. Никој не може целиот товар од светските движења да го понесе сам. Потребно е сите субјекти и стопанството и дистрибутерите на нафта и сите други да понесат дел од товарот. На таков начин ќе може сериозно да се чувствува излегувањето од оваа ситуација каде што движењата на светските берзи се неповолни. Ние направивме максимално што може. Се откажавме од 10 милиони евра и сметам дека тоа е голем придонес на државата за заживување на стопанството и ублажување на ценовниот удар, рече Ставрески.

&nbsp

Во однос на тоа дека министерот претходно изјавил дека интервенција со акцизите ќе ги доведе во прашање исплатата на платите и пензиите, рече дека таква изјава не дал и оти неговата изјава е дека намалувањето на акцизата секако ќе се одрази врз буџетот. -Десет милиони евра е одразот врз буџетот. Но, од тие средства во оваа ситуација оценивме дека треба да се откаже државата, бидејќи ефектот од тоа откажување ќе биде сочувување на динамиката на економска активност и стандардот на граѓаните. Ние ќе го компензираме тоа преку заштеди на други места во буџетот, како што се избегнување на сите расходи каде министерствата можат да направат помали расходи во однос на тековните трошења и на тој начин ќе успееме да ги надоместиме. Тоа се однесува на сите институции кои треба да штедат во овој период се додека дали има последици од кризата или се чувствуваат последици од светската инфлација мора државата да се однесува одговорно и домаќински, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.(МИА)

Comments are closed.