Магистралниот гасовод Клечовце- Неготино се очекува да овозможи снабдување на индустријата и населението во повеќе општини со најевтиниот енергенс, природниот гас. Вредноста на инвестицијата изнесува 75,7 милиони долари, од кои 60 милиони произлегуваат од подмирувањето на Клириншкиот долг. Плановите и заложбите на Владата се гасификацијата на градовите да почне следната година, а до 2022 година комплетна изградена гасоводна мрежа на целата територија на државата. Гасоводот ќе помогне да се подобри животот на граѓаните и на македонската економија- да има поголема конкурентност, вели во интервју за МРТ, вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Македонија неколку децении чека на затворање на Клириншкиот долг, со овој проект конечно се остварува моментот?

Токму така. Долгот од поранешниот СССР кон Социјалистичка Република Македонија, конечно успеавме да го претводиме во еден капитален, стратешки проект за Република Македонија, а тоа е изградба на магистралниот гасовод, во случајот од Клечовце до Штип. 60 милиони американски долари, кои практично се средства што нашите претходни генерации, нашите дедовци, татковци, ги заслужиле, ги сработиле, сега идните генерации на македонски граѓани, нашите деца, ќе ги имаат бенефитите од овие средства, односно, ќе се преточат во гасовод кој ќе помогне да се подобри животот на граѓаните на и македонската економија да има поголема конкурентност.

Рековте многу енергија, амбиција, на некој начин лична амбиција, е дадена за остварување на сето ова, дали ова ќе биде од стратешко значење да се гасифицира целата држава? Дали ова ќе биде еден почеток на гасификација на целата држава?

Гасификацијата со денешниот ден станува реалност, бидејќи почнува изградбата на првиот крак, по којшто ќе следат и останатите, ќе се прошири од Штип, накај Струмица и Гевгелија. Истовремено ќе оди еден крак кон Неготино, Кавадарци, Прилеп, Битола, Охрид, и еден крак од Скопје, преку Тетово, Гостивар, Кичево во западниот дел. Ќе ја заокружиме целокупната гасоводна мрежа и значајно е тоа што ќе обезбедиме поевтин гас за македонското стопанство и граѓаните, бидејќи ќе има поголема количина, поголема искористеност на гасоводната мрежа, а со тоа и цената ќе се намали, што ќе биде од помош и за граѓаните и за стопанството.

Клечовце- Неготино се затвора со Клириншкиот долг, а остатокот  ќе треба да се покрие о државната каса?

Државната каса е во добра кондиција, имаме добар економски раст. И во следните години очекувам тој раст да биде и повисок. И за вакви добри капитални проекти кои се од стратешко значење за Македонија мора да се обезбедат средства, така да ќе има секогаш доволно средства за тоа.

Comments are closed.