Скопје, 5 декември 2014 (МИА) – Голем дел од граѓаните веќе ја искористија можноста за откуп и приватизација на дворното место, а оние кои не го направиле тоа можат да поднесат барања до 15 овој месец до подрачните единици на Управата за имотно-правни работи, по исклучително поволна цена од евро за метар квадратен.
Тоа го изјави денес вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, апелирајќи до граѓаните да ја искористат можноста за поднесување барања. Во текот на годинава се поднесени 13.000 барања, а од почетокот на можноста за откуп вкупно 250.000.
Рокот, како што рече, беше продолжен со цел да им се излезе во пресрет на граѓаните кои од различни причини не успеале на време да поднесат барање. – Во текот на оваа година се поднесени 13.000 барања, така што голем дел од граѓаните веќе ја искористија можноста. Ако некој сè уште не ја искористил, апелирам да го направи тоа, бидејќи ќе нема дополнително пролонгирање на рокот, рече Ставрески.
Според него, досега се поднесени над 250 илјади барања, а од почетокот на процесот веќе се решени три четвртини од барањата, што значи дека станува збор за успешен Проект.