И покрај ситуацијата во која се наоѓа земјава на политички план, продолжува тенденцијата секој квартал да се намалува неврaботеноста. Тоа е добро и верувам дека ќе продолжи и во иднина, при што нашиот таргет е да стигнеме до 22% невработеност за период од три до три ипол години, вели вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во интервју за МРТ.

Најновите податоци на државната статистика покажуваат намалување на невработеноста. Таа сега изнесува 27,3%. Како ги коментирате најновите податоци на Државниот завод за статистика?

„Секако, трендот на намалување на невработеноста е добар. Последните податоци до крајот на март покажуваат дека продолжува онаа добра тенденција секој квартал да се намалува невработеноста, во услови кога во Европа таа има обратни движења. Истовремено, се зголемува и бројот на вработени лица. Значи во последната година имаме околу 10.000 невработени помалку и околу 11.000 лица кои во меѓувреме се вработиле. Тоа е добар податок, за една година, во која во вториот квартал лани имавме избори, а во првиот квартал од оваа година има политичка нестабилност. Ваквите тенденции покажуваат дека приватниот сектор успева да создава работни места. Тоа е добро и верувам дека ќе продолжи и во иднина, при што нашиот таргет е да стигнеме до 22% невработеност.“

За кој период?

“Очекувам тоа да се случи во следните 3 до 3 ипол години.“

Дали и колку владините мерки и новите инвестиции придонесоа да се намали невработеноста?

„Секако, невработеноста не се намалува случајно. Тоа е резултат на политики на Владата, кои во основа се на два фронта. Првиот е да се креира добра бизнис клима и таа да се одржува со ниски даноци, што привлекува странски инвеститори, а на домашните инвеститори им овозможува да ја прошират својата дејност и да отворат нови работни места. Креирани се над 13 илјади работни места во слободните зони и десетици илјади работни места во домашните фирми. Од друга страна, и активните политики на Владата како втор сегмент на решавање на проблемот со невработеноста се многу значајни. Тука спаѓаат големиот број проекти кои се спроведуваа изминатите години, пред сè проектот за самовработување, новиот проект „Македонија вработува“ и многу други проекти кои ги спроведува Агенцијата за вработување, со цел подобрување на условите за таргетирани групи да се ангажираат во производниот процес. Само во проектот „Македонија вработува“ за неполн месец се ангажирани над 1.600 лица, и тоа во услови кога на некој начин сè уште има грч кај приватниот сектор заради актуелната политичка ситуација, така што преку тој проект верувам дека ќе стигнеме до таргетот од 20 илјади вработувања. А се надевам и дека преку другите проекти и активни мерки ќе успееме да го надополниме она што од друга страна ќе се реализира преку економскиот раст и ангажманот на работници во домашните и во странските фирми.“

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.