Скопје, 5 октомври 2015 (МИА) – Околу 300.000 пензионери од утрово го добија ветеното зголемување од 621 денар. Зголемувањето е линеарно кај сите пензионери, а најголемо е кај оние со пензија помала од 9.000 денари, каде зголемувањето е 7 проценти.

Зголемувањето на пензиите и поддршката што ја добиваат пензионерите од Владата преку други проекти беа повод за денешната средба на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов со раководството на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија.

– Исполнето е едно од најкрупните ветувања на Владата на Република Македонија. Од утрово во цела земја за околу 300 илјади пензионери почна исплатата на зголемената пензија. Како што ветивме, линеарно секој пензионер доби зголемување од 621 денар и на тој начин помагаме да се подобри животниот стандард на пензионерите, изјави по средбата вицепремиерот Ставрески.

Тој додаде дека поддршката на пензионерите е изразена во повеќе сегменти, а не само во зголемувањето кое се одвива во континуитет.

– Зголемување на пензиите имаше и минатата година, имаше и предминатата и ќе има и следната година. Во Буџетот за 2016 година е предвидено ново зголемување на пензиите за 650 денари, кое пензионерите ќе го добијат во октомври. Покрај тоа пензионерите ги поддржуваме и со други мерки, во насока на подобрување на условите за живот, рече Ставрески.

Министерот за труд и социјална политика посочи дека со ова зголемување просечната пензија заклучно со октомври 2015 година има пораст од 70 проценти, а најниската пензија пораст од 84 проценти. Тоа, според него, е големо зголемување постигнато изминатите години.

– Континуирано водиме дијалог и како резултат на таа соработка продолжуваме со реализација на проекти кои се позитивни за сите пензионери, рече Спасов додавајќи дека еден од тие проекти е ветеното зголемување на пензиите.

Претседателот на Сојузот на здруженијата на пензионерите Драги Аргировски ја оцени соработката со Владата како добра и рече дека благодарение на таа соработка се и овие резултати.

– Сите пензионери се задоволни, особено со зголемување на пензиите. Пензиите секаде се намалуваат само кај нас се зголемуваат. Со денешното зголемување просечната пензија изнесува 220 евра, додека во Србија е 190, Бугарија 135 евра, во Косово 120 и во Албанија 145 евра, рече Аргировски.

Тој додаде дека за одбележување е тоа што зголемувањето е поголемо кај пензионерите со пониски пензии. Така што, како што рече, 220.000 пензионери сега добија повисоки пензии за 4 до 8 проценти.

Покрај за зголемувањето, на средбата станало збор и за другите проекти, а министерот Спасов ги повика пензионерите да ја искористат можноста и да аплицираат на проектите за бесплатна бања и викенд во 2016 година за што имаат уште два дена.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.