4 февруари 2016, Скопје – Со случувањата на политичката сцена и политичката криза, 2015 година ја завршивме успешно и економијата на некој начин беше таа светла точка во годината во којашто немаше многу светли точки. Ова го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во синоќешната дебата на ТВ Нова во врска со економските случувања.
„Сепак, растот што се реализира во втората половина од минатата година, посебно во повеќе сектори, помогна Македонија повторно да биде меѓу земјите со највисок економски раст во Европа, меѓу пет, шест, седум земји со највисок економски раст. Очекуваме тој да биде помеѓу 3,3% и 3,5% за 2015 година. Толку отприлика е и растот во првите девет месеци од минатата година до кога и се објавени резултатите, односно 3,4% раст, за што многу придонесе растот на индустријата меѓу август и септември. Растот во тој период беше над 11% наспроти, да се потсетиме на, негативните стапки во вториот квартал од годинава кога, заради политичката криза, тоа осетно се почувствува во индустријата во земјава, па имавме негативен раст во тој период. Покрај тоа, и растот на градежништвото беше добар, како и вообичаено во изминатите неколку години. Растот на индустријата и градежништвото беше потпомогнат со високиот износ на капитални инвестиции и проекти од Буџетот на РМ. Во реализацијата на капиталните инвестиции се ангажираат голем број домашни фирми, како во делот на градежништвото, така и во делот на малата индустрија и малото стопанство. Секако, треба да се спомене и високиот извоз од странските компании, така што сè на сè имавме добра година. Имајќи предвид какви беа општите околности, остварен е максимумот. Со таква добра ситуација влегуваме и во 2016 година и тоа создава основа да веруваме дека и оваа година ќе имаме солиден економски раст“, истакна Ставрески.