Росоман, 1 октомври 2015 (МИА) – Во општина Росоман, со поддршка од Владата, се решава деценискиот проблем со водоснабдувањето. Денес беше пуштен во употреба нов резервоар кој ќе обезбеди дополнителни 250 метри кубни вода за 3.000 жители на Росоман, Манастирец и Рибарци, кои на овој начин ќе добијат доволни количини чиста вода за пиење.
На пуштањето на резервоарот во употреба присуствуваше вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој е во посета на општината.
– Излегуваме во пресрет на барањето на жителите на Росоман и решаваме едно децениско прашање. Резервоарот е составен дел на целокупниот систем за водоснабдување на Кавадарци и Росоман во кој вкупно се инвестирани 2,2 милиона евра со кои се изградени филтер-станица, цевковод и други потребни елементи, изјави Ставрески.
Средствата за изградба на резервоарот, како што рече вицепремиерот Ставрески, се обезбедени преку проект на Светска банка. Со него, покрај обезбедување здрава вода за пиење, ќе се намалат и трошоците на Јавното комунално претпријатие бидејќи нема да има потреба од пумпање на водата што досега претставуваше трошок.
Градоначалникот на Росоман, Стојанчо Лазов посочи дека водата е обезбедена од Кожув, а изградбата на резервоарот го решава проблемот што ги мачел жителите од овие населени места.
За време на посетата на Росоман, вицепремиерот Ставрески направи увид и на градежните работи на повеќе улици. Посочи дека Владата помагала и ќе направи напор да помогне и во иднина за да се подобрат локалните патишта, а со нејзина поддршка изградени се и градинка, игралиште и други објекти.
– Росоман следната година може да очекува да биде поддржана со дополнителни 525 илјади евра за изградба на патот Росоман – Сирково, најави Ставрески.
Во Росоман вицепремиерот ќе ја посети и винаријата „Гоце Делчев“ со цел да се информира за текот на откупот на грозјето и дали се реализира како што е договорено.
– Се работи за винарија која има 200 вработени и која досега има откупено илјада тони грозје, а според најавите треба да откупи уште две илјади тони, рече министерот за финансии.
Во Росоман, како што посочи, со градоначалникот ќе разговара и за други прашања и проблеми за кои Владата може да помогне и да даде адекватна поддршка.