Скопје, 23 ноември 2012 (МИА) – Во наредните четири години, односно од 2013 до 2017 година Македонија треба да врати една милијарда евра. Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески податокот го потврдува, но посочува дека половина од оваа сума се кредити земени во времето на владеењето на СДСМ, во период на премиерите Бранко Црвенковски, Владо Бучковски и Хари Костов.
– Милијарда евра требало да се вратат од 2013 до 2017 како податок не е неточно, но ако малку сте се потрудиле како СДСМ, што ретко го правите, да ги погледнете податоците, ќе видевте дека од таа една милијарда половина милијарда се кредити што се земени во времето на СДСМ меѓу 2002 и 2006 година. За волја на вистината, не е само Црвенковски, и Бучковски има еден дел и третиот премиер Хари Костов во негово време, меѓутоа факт е дека се земени кредити и во времето на СДСМ и ние тоа не го нападнавме, рече министерот Ставрески на денешното продолжение на седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Според него, не е лошо тоа што се земале кредити, како што вели СДСМ за кредитите што ги зема Владата на ВМРО-ДПМНЕ, но лошо е да се земаат во време кога во буџетот има суфицит, како што имаше СДСМ. – Земја во развој природно е еден дел од финансирањето да го базира на кредити. Но, не е добро ако земате кредити во време кога во буџетот имате суфицит, а вие имавте суфицит во тоа време, значи тотално непотребно сте ги земале тие кредити кои треба идните генерации да ги враќаат, рече Ставрески.
Тој посочи дека во тој период е земен кредит од 25 милиони долари од Светска банка за проекти од областа на образованието, здравството и социјалната заштита. – Во тоа време социјалната заштита не ја зголемивте, пензиите не само што не ги зголемивте, туку ги намаливте, немаше реконструкции или изградба на училишта или на јавни здравствени установи како денес што има, рече министерот за финансии и праша за што е задолжена Македонија тогаш со 25 милиони долари што идните генерации сега треба да ги враќаат.
Напомена кредит од 8,8 милиони евра за деловно опкружување, потенцирајќи дека во тоа време државата беше на 96. место со африканските земји заедно на листата на Дуинг бизнис. – Зошто земавте кредит, зошто ги потрошивте парите, зошто ги задолживте идните генерации со овие средства што треба да ги враќаме до 2017, а деловното опкружување беше катастрофално. Зошто не направивте реформи, зошто не ја подобривте бизнис-климата, зошто не ги искористивте парите на правилен начин, праша Ставрески.
Ова се однесува и на проектот за катастар, додаде министерот, за што се земени 10 милиони евра од Светска банка за Катастарот, кој во тоа време во 2006 година беше најкорумпирана и најнеефикасна институција во државава. – Луѓето не можеа да добијат имотен лист, компаниите не можеа да добијат имотен лист. Ништо не можеше да се направи без да се плати мито. Денес Катастарот, за ваша информација, е една од најефикасните институции. Проект од Светска банка, кој е правилно искористен, е оценет како најдобар проект во ЈИЕ и Централна Европа за реформа на Катастарот. Ете, тоа е тој правилен начин да се користат средствата, а не овие 10 милиони евра што вие ги земавте и кој знае каде отидоа, а ние и генераците кои доаѓаат до 2017 ќе треба да ги вратиме, истакна Ставрески.
И проектот за буџетска поддршка од 24,4 милиони евра, како што рече министерот, се земени за буџетска поддршка кога имаше суфицит и доволно пари во буџетот во тоа време. – Зошто го продадовте ЕСМ, направивте други работи во тој период, зошто ги зедовте парите од Светска банка дополнително да ја задолжите државата. За која намена беа искористени тие 24,4 милиони евра што ние сега треба и идните генерации да ги враќаме до 2017 година, праша министерот за финансии.
Кога се напаѓа некого зошто земал средства и зошто треба да се враќаат, како што рече, треба да погледнете дали ви е досието чисто во поглед на водењето на економската политика, како сте ги користеле тие пари, за што сте ги користеле. Имавме најлоша бизнис-клима во регионот тогаш, најлош катастар, суфицит во буџетот, а вие се задолжувате за истите тие намени и нереформиравте ниту една институција. Тоа е разликата, рече министерот Ставрески на обвинувањата од опозицијата за задолженоста на земјата.
Тој истакна дека Владата ќе ги врати тие пари. – Ние никому нема да му речеме, нема да се јавиме во Вашингтон и да речеме Бранко Црвенковски се зајмил и сега нема да ги враќаме тие пари. Нема да се јавиме во Kfw банката и да речеме неефикасно ги искористила владата тогаш тие пари и нема да се вратат. Така не функционира една нормална држава, една демократија. Кој и да ги земал тие пари ние сме должни да ги вратиме. Но, должни сме и на јавноста да и кажеме дека половина милијарда евра што ќе се враќаат од 2013 до 2017 година се кредити што Бранко Црвеновски ги зема и не ги искористиле на добар начин и непотребно сега идните генерации ќе плаќаат за тоа, истакна министерот Зоран Ставрески.