Скопје, 28 јуни 2013 (МИА) – Во првиот квартал од 2013 година, во услови кога европската економија беше во рецесија и забележа негативна стапка од 1,2 проценти, македонската економија оствари позитивен раст на БДП од 2,9 проценти. Тоа е четврто најдобро остварување во Европа. Само Латвија, Литванија и Турција имаа повисоки стапки на раст на БДП во првиот квартал во 2013 година, рече денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

 

Одговарајќи на пратеничкотото прашање на Владимир Ѓорчев за вкупните перформанси на македонската економија во 2013 година, Ставрески потсети на состојбата во европската економија.

 

– Економскиот амбиент во кој работиме се уште е тежок и чувствителен имајќи предвид дека европската економија во првите неколку месеци од 2013 година оствари резултати кои беа полоши од очекувањата. Последните податоци се дека европската економија и во првиот квартал од 2013 беше во рецесија. Германија како локомотива на еврозоната имаше пораст од само 0,1 процент што е помал од очекувањата, Франција имаше пад од 0,2 проценти. Италија, Шпанија, Грција сите имаа негативни стапки на БДП, истакна Ставрески.

 

Истото, како што рече, е слуачј и во поголемиот дел  од земјите од Југоисточна Европа и тука има негативни резултати, почнувајќи од Словенија, Хрватска па и Србија.

 

– Во тој контекс можеме да кажеме дека сите наши најзначајни трговски партнери имаа лош почеток на годината. Негативните случувања во економијата најдоа одраз и на пазарот на трудот во Европа. Забележано е зголемување на невработеноста во речиси сите европски земји, посебно во Грција и Шпанија каде невработеноста достигна  27 проценти. Буџетскиот дефицит  е повисок од три проценти во дури 11 земји на ЕУ, а експлодираше и задолженоста. Се проценува дека 2013 година Грција ќе има долг од 175 проценти од БДП, Италија 131, а Белгија 101, Британија 96…, рече Ставрески.

 

Според него, тоа што македонската економија оствари позитивен раст на БДП од 2,9 проценти е добро остварување, дури и над владините проекции бидејќи се реализира во услови кога европската економија нема добри резултати.

 

– Тоа ни дава верба и охрабрување дека може да се очекува и во преостанатиот дел на годината  да се остварат солидни резултати. Проекциите се базираат на растот на индустријата, градежништво, земјоделството, растот на капиталните инвестиции од буџетот и странските директни инвестиции, потенцира Ставрески.

 

Тој информира дека градежништвото во првиот квартал од годината бил главниот генератор на раст во Македонија со 36 процентен пораст.

 

– Во буџетот имаме издвоено голем износ на средства за капитални инвестиции и нивната реализацијата се одвива добро. Можеме да очекуваме дека буџетот и понатаму преку капиталните инвестиции ќе дава силна поддршка за растот на македонската економија, рече Ставрески.

 

Според него, вториот важен фактор што ќе влијае позитивно на економијата во Македонија и на ликвидноста на стопанството е редовна исплата на обврските на буџетот кон стопанството.

 

– Како што ветивме во септември лани, исплатени се сите заостанати обврски  на државата кон стопанските субјекти, било по основ на фактури, било по основ на поврат на ДДВ. И тоа претставуваше  голема финансиска инјекција, ликвидност во стопанството кое помогна македонските компании да можат да работат во релативно порелаксирани услови во првите неколку месеци од годината. Верувам дека со понатамошна редовна исплата на обврските буџетот и натаму ќе дава силен придонес во одржување на позитивните економски резултати, рече Ставревски и потсети дека исплатата на субвенциите кон земјоделците редовно и забразано се исплаќа.

 

Тој смета дека може да се очекува оти Македонија следниот период ќе задржи позитивни економски резултати.

 

– Моето мислење е дека ќе ја завршиме годината со најмалку два проценти економски раст на БДП, што во вакви околности во Европа, секако претставува солидно остварување. Се разбира тоа не е резултат кој е оптимален бидејќи Македонија би сакала и би можела да оствари многу повисоки стапки на раст, меѓутоа тоа ни е потребно и барем малку подобра состојба во европската економија.  Очекувањата се дека таму некаде при крајот на 2013 и почеток на 2014 година ќе дојде до стабилизација на движењата, рече Ставрески.

 

Тој потсети на дел од странските инвестиции во Македонија кои отворија нови работни места, како „Џонсон Мети“, „Џонсон Контролс“, се задржа на новите вработувања во Кавдарци, Неготино, и Тиквешијата, и најави дека до крајот на годината ќе има нови инвестиции.

 

Comments are closed.