Скопје, 24 јуни 2014 (МИА) – Многу придобивки за граѓаните, финансиска помош во вистинско време и за вистинска намена, професионалност со знаења и вештини и меѓусебна доверба, го одбележуваат партнерството помеѓу Република Македонија и Светска банка во изминатите 20 години.
Тоа го оцени вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на свеченоста по повод 20 години од работењето на канцеларијата на СБ во државава.
Во осврт на соработката со СБ , Ставрески истакна дека Македонија пред 20 години избра партнер што има многу професионалци, кои се најдобри во својата област во светот и кои ги поседуваат сите вештини и знаење коишто, нагласи, се потребни за една земја во развој да може да има придобивки од тоа партнерство.
– Исто така, верувам дека истото ниво на знаење, вештини и професионалност постои и кај нас, кај луѓето од различни министерства, институции од земјава , кои беа добри партнери на Светска банка во текот на изминативе 20 години. Затоа може да се каже дека имаме професионалци кај двете страни, рече Ставрески.
Кога се одбира долгорочен партнер, додаде, важно е на истиот да му се верува. Мислам дека имаме таков партнер, којшто ги почитува вашите силни страни и ги разбира вашите слабости, и работи со вас во надминувањето на тие слабости, предизвици што се нормални за земја во развој, наведе Ставрески.
Според него, односот добива на интензитет во текот на овие 20 години и е заснован на заемна почит, напорна работа и соработка. – Сметам дека придобивките од овој однос ги чувствуваат сите граѓани во Република Македонија, од земјоделците на југот, приватниот сектор во источниот дел од земјата, туристичките работници во југозападниот дел, студентите, наставниците, здравствените работници, сите оние кои биле вклучени или ги чувствуваат придобивките од активностите на Светска банка во Македонија, посочи вицепремиерот Ставрески.
Тој нагласи дека добиената помош од СБ во вкупен износ од 1,3 милијарди долари, од која дел е веќе отплатен, е дојдена во вистинско време и за вистинска намена.
– Светска банка беше секогаш тука кога беше потребно , преку инвестиции во сите сектори во земјата, преку јавниот сектор, административните реформи, развој на приватниот сектор, здравството, образованието, социјалната заштита, железниците, патиштата, комуналната инфраструктура и с è што е потребно за развој на мала земја како што е Македонија, рече Ставрески.
Елен Голдстеин, директор на СБ за регионот на ЈИЕ, истакна дека од клучна важност за Македонија во изминатиот период биле трансформацијата на сопственичката структура на стопанството, задржувањето на макроекономската и фискалната стабилност што ѝ овозможила напредок, подобрување на деловното окружување и стимулирањето инвестиции, каде сега се гледаат резултатите, како и избегнувањето сериозен етнички конфликт и преземање мерки за градење поголема национална кохезија.
– Резултатите од овие напори од изминатите 20 години се многу охрабрувачки. Гледаме раст на инвестициите во уделот на БДП, зголемување на кредитирањето на приватниот сектор, гледаме зголемување на извозот и зголемување на економскиот раст од околу еден процент во првата деценија до просечно три проценти во второто десетлетие. Па дури и невработеноста во последната деценија почна да паѓа од 37 на 29 проценти. Тоа не е доволно, но видовме дека Македонија се покажа поотпорна на глобалната финансиска криза од повеќето други земји во регионот. Сето тоа се должи на овие фундаментални реформи во текот на последните 20 години, рече Голдстеин.
Таа посочи дека е потребен напредок во намалување на невработеноста и сиромаштијата и оти силно се надева дека Македонија ќе напредува. И покрај одредени политички потешкотии, наведе, се надевам дека сите партии и граѓани ќе се обединат околу реформите што придонесуваат кон растот и работните места. – И покрај фрустрациите, се надевам дека земјата ќе сфати оти усогласувањето со политиките на Европската унија е добро за растот и работните места во Македонија, без разлика на темпото на пристапување во Унијата. Исто така, се надевам дека властите и граѓаните ќе разберат дека квалитетот на економскиот развој е важен. Растот мора да се споделува меѓу сите сегменти во општеството. И конечно, се надевам дека властите практикуваат отворена дебата со цел да се вклучат сите граѓани во одредувањето на иднината на Македонија и изградбата на кохезија во општеството. Ова се моите надежи за Македонија во следните 20 години, рече Голдстеин.
Во изминатите 20 години, нагласи, СБ беше верен партнер на земјата, со голема техничка и финансиска помош, којашто ќе продолжи во име на просперитетот.